Светски познатата пејачка Дуа Липа доби косовско државјанство
Светски познатата пејачка Дуа Липа доби косовско државјанство. На 31 јули таа беше примена од претседателката на Косово, Вјоса Османи, која ѝ го врачи државјанството со претседателски указ, јавува „Коха“, пренесува БГНЕС.
„Добредојде дома, Дуа! За мене е особена чест што денес, со претседателски указ, ѝ доделувам државјанство на Република Косово на Дуа Липа, една од најважните културни и уметнички личности во историјата на нашата земја“, напиша Османи на Facebook.
Претседателката нагласи дека Косово секогаш ќе се гордее со пејачката.
„Дуа и Косово отсекогаш биле неразделни. Таа беше и останува еден од најмоќните гласови на најголемите светски сцени, влегувајќи во историјата со нејзините достигнувања и претворајќи се во инспирација за милиони луѓе низ светот. Нашата благодарност е бескрајна за сè што Дуа има направено и продолжува да прави за Косово, за нашата младина, за нашата уметност и за меѓународниот имиџ на нашата земја“, додаде Османи.
Липа во моментов престојува во Косово, каде вечерва ќе настапи на фестивалот „Сончев рид“.
