Илинден 1903 е нашиот пркос, трагедија и визија за иднината
Христо Михајлов*
Светлините на Илинден 1903 во Македонија и Преображение во Одринска Тракија се симболот на борбата на македонските и тракиските бугари за својата слобода, борба против османлискиот гнет и визија за заеднички живот во очекуваната слобода. Внатрешната Македоно-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО) е симболот на единството во борбата и визијата за заеднички слободен живот.
Веднаш по организираното од Врховниот македоно-одрински комитет Горноджумајско востание, напрегнатоста во самата Македонија мошне чувствително нараснува. Владата на Османлиската империја ги засилува репресивните мерки, сосредоточувајќи големи воени и полициски сили, кои, пак, од своја страна вршат масовни беззаконија. Паралелно со тоа се зголемуваат и крвавите судири меѓу турските вооружени сили и четите на комитетот.
И токму во таа вжештена ситуација, во јануари знаменитата 1903 година, дел од членовите на ЦК на ВМОРО, предводени од професорот Иван Гарванов, итно свикуваат конгрес во Солун, којшто носи смела одлука да се подигне масовно востание во Македонија и Одринско. На 20 јуни 1903 година ЦК на ВМОРО во Софија му испраќа писмо на бугарскиот воен министер Михаил Савов, со кое го информира него, софиската влада и кнезот Фердинанд за приближниот датум за почетокот на востанието и за општата состојба на организацијата внатре во Македонија. Во писмото се допира и прашањето за директно вмешување на бугарската армија на страната на востаниците, откако се констатира дека тоа е радосно примено од револуционерите.
Михаил Савов писмено одговара дека востанието треба да биде одложено за октомври 1903 година или дури за мај 1904, додека бугарската војска не биде превооружена и способна за соодветни воени дејствија, во спротивно нема да има можност за вмешување. Но, и покрај тоа што револуционерите повеќекратно се предупредувани од разни претставници на тогашното Кнежевство Бугарија дека таа не може и нема да се вмеша во едно такво востание, тие никако не се откажуваат од веќе преземениот курс.
На Смилевскиот конгрес на Битолскиот округ на ВМОРО, со Главен штаб во состав Даме Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов, недвосмислено се решава востанието да започне во округот на 20 јули (2 август), на ден Илинден. Почетокот на борбените дејствија во Одринскиот револуционерен округ е определен на Конгресот на Петрова Нива за 6/19 август, на Преображение Господне. Подоцна и Серскиот округ решава да се подигне на 14/27 септември, на Крстовден.
Турската влада фрла огромни сили за задушување на востанието во крвно поврзаните Македонија и Одринска Тракија, откако испраќа 350 илјадна војска и башибозук. Султанот го истакнува сето тоа и на 6 септември објавува дека крвопролевањата ќе бидат прекинати само тогаш ако големите европски сили ја принудат самата Бугарија да се откаже од поддршката на востанието. Турција целосно ја префрла одговорноста врз софиската влада.
Големите сили, главно словенска Русија и Австро-Унгарија, со ноти до бугарската влада едноставно ја принудуваат да не се вмешува во започнатиот конфликт. Потоа, министрите за надворешни работи на двете империи изработуваат реформски план. Мјурцштегските реформи предвидуваат смирување на областа и давање некои незначителни права на народностите во империјата.
На 17 септември 1903 година, штабот на востанието испраќа молба до бугарските одговорни фактори за да ѝ објават војна на Турција. Софија притисната од меѓународната заедница и интересите на Русија, молчи. Нештата се јасни, уште од претходните преговори на Организацијата со министерот Савов.
Пресметката на резултатите од Востанието е ужасна. Во Македонија и Тракија има 289 борби меѓу 26 илјади востаници против 350 илјадна турска војска, 994 загинати востаници, 200 опожарени села, 4694 убиени или живи изгорени мажи, жени и деца, невино население, а 30м илјади души бегаат во Бугарија. Турските сили даваат 5325 жртви војници.
Во својата анализа на дејствијата и последиците, публицистот Христо Силјанов и самиот учесник во Востанието ќе каже: Тоа беше гласот на првата заклетва дадена пред десет години од Дамјан Груев во Солун и прераснала во сенародна борба: Безумно дрзок зов кон империјата на султаните; зов за братска помош кон ослободените од другата страна на Рила и Родопите; зов за човечко сочуство и за правда кон целиот цивилизиран свет…ниедно друго востание на Балканот не даде толку многу опустошувања и жртви. Во Лицето на востаналите македонци, Турција го виде конечното и завршено бугарско бунтарство. Ете зошто Илинденскиот подвиг е не само највисоката точка на борбеното напрегање во Македонија, туку и искупителен дан на севкупниот бугарски стремеж кон слободата!
Македонските бугари но и државата Бугарија, сеуште се во борбата за остварување на човековите права на македонските бугари и нивниот рамноправен статус во Северна Македонија. Може би целите на Востанието за нас денес се некакво далечно ехо на херојските времиња на нашите предци, но реалната ситуација говори нешто друго-борбата за слобода трае, спроведувана со други, парламентарни методи, а неправдата врз потомците на оние кои ги положија животите во борбата за слобода е потврдена дури и од институциите на Европа, каде толку многу се стремиме да стигнеме…или НЕ се стремиме?! Република Северна Македонија и ние како македонски народ, допрва ќе треба да се бориме за остварување на вековниот Илинденски идеал, толку брзо заборавен и изневерен од млитавите и недемократски наследници на борбените генерации!
*Авторот е внук на Илинденски борец и син на политички осуденик во казаматите во Идризово по 1944 година, заради неговата припадност кон вистинското ВМРО.
