|

Светски познатиот бугарски писател Георги Господинов утре ќе присуствува на промоцијата на неговиот роман „Засолниште во времето“ пред публиката во Скопје

Романот на светски познатиот бугарски писател Георги Господинов „Засолниште во времето“ ќе биде претставен пред публиката во РС Македонија утре вечер. На промоцијата, која ќе се одржи во киното „Фросина“ во МКЦ, со почеток во 21 часот, ќе присуствува и самиот автор. Модератор на културниот настан ќе биде Дарин Ангеловски, а промоторки на романот се Оливера Ќорвезироска и Калина Малеска.

Преведувач на романот е Душко Крстевски. Објавувањето на романот и промоцијата се дел од проектот „Европска литература: зачувување на солидарноста во заканувачки контексти“ на издавачката куќа „Или-Или“ во Програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.

Во романот „Засолниште во времето“, Господинов претставува свет во којшто луѓето бараат засолниште во минатото. Она што првично било замислено како терапија за луѓето со Алцхајмер и деменција, станува дистопија: во секоја европска земја се одржува референдум за изборот на деценијата во која би сакале да се вратат.

Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесет јазици. На македонски јазик се објавени: „Природен роман“ („Темплум“, „Или-Или“), „И други приказни“ („Темплум“), како и збирката песни „Балади и распади“ („Блесок“), неговиот најуспешен роман „Физика на тагата“ („Или-Или“, 2015), како и збирките раскази „И сè стана месечина“ („Или-Или“, 2017) и „Сите наши тела“ („Или-Или“, 2019).

Слични Објави