Танцов ансамбл „Отец Паисиј“ од Питсбург ќе ја одбележи својата 70 годишнина со голем спектакл
Бугарскиот танцов ансамбл „Отец Паисиј“ при Бугаро-македонскиот национален, образовен и културен центар (BMNECC) во Питсбург, Пенсилванија, ќе ја прослави својата 70-годишнина со голем спектакл во септември, пренесе БТА.
Настанот ќе се одржи на 13 септември од 17:30 часот по локално време, во аудиториумот на гимназијата Steel Valley во Питсбург. „Придружете ни се… на оваа спектакуларна претстава. Возбудени сме што ќе ја споделиме сцената со The Tamburitzans и други гостински ансамбли“, порачаа од формацијата преку социјалните мрежи.
Ансамблот „Отец Паисиј“ веќе ја одбележа својата јубилејна година со турнеја во Бугарија во јуни, при што настапи во Софија, Благоевград и Несебар.
Ансамблот е основан од Николас Јорданов, син на бугарско семејство имигранти кое се населило во регионот на Питсбург. Денес ансамблот брои околу 60 членови и останува значаен чувар на традиционалниот фолклор и култура на бугарската заедница во САД.
