Таткото на Васил Јованов- Зоран Јованов изјави пред судот дека не се чувствува виновен и дека не му е јасно, што точно му се става на товар
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска се одржа ново рочиште против Зоран Јованов, татко на Васил Јованов, кој е обвинет за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“. Тој изјави дека не се чувствува виновен и дека не му е јасно што точно му се става на товар. Обвинението произлегува од трагичниот инцидент во кој неговиот син, управувајќи возило без дозвола и под дејство на алкохол, усмрти пешак.
Обвинителот Александар Марковски посочи дека токму попустливиот однос на Јованов кон неговиот син довел до создавање на ризична состојба.
Тој додаде дека обвинителството ќе докаже дека таткото имал удел во создавањето на околностите кои резултирале со трагедијата. „Факт е дека обвинетиот претходно не се судрил со законот и е офицер за пример во македонската Армија, но тука не сме за да ја оценуваме неговата професионалност, туку тоа што требало или не требало да го направи како родител“, нагласи обвинителот.
Адвокатот на Јованов, Сашко Дуковски, остро го оспори обвинението, нарекувајќи го правно неосновано.
„Се работи за правен преседан незабележан во македонската правна историја – да го товарите таткото за дејствија кои ги сторил неговиот полнолетен син“, изјави Дуковски, најавувајќи дека ќе бара детално објаснување за релевантноста на секој доказ.
На почетокот на рочиштето, Тодор Кулаков, татко на починатата Фросина Кулакова, побара изземање на судијката Снежана Марковска со зборовите: „Редно е да се иземете од овој предмет, ова е наместено“. Поради ваквиот настап, тој беше отстранет од судницата. Адвокатот Дуковски реагираше дека ќе го напушти судењето доколку Кулаков повторно му се обрати директно.
Обвинението против Јованов е преквалификувано – првично се теретеше за „предизвикување општа опасност“, но откако беа прибавени нови докази, обвинителството го преиначи во „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“.
Несреќата се случи во јануари годинава, кога Васил Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управуваше автомобил и удри во пешачката Фросина Кулакова, која почина на самото место.
