ТЕКСТИЛЦИТЕ НАЈАВУВААТ ДО 20 ОТСТО ОТПУШТАЊА АКО НЕ ЈА ДОБИЈАТ НАВРЕМЕ ПОДДРШКАТА ЗА ПЛАТИ

//

Пратениците побрзо да го донесат законот за финансиска поддршка на плати зашто во спротивно, 20 отсто од вработените ќе останат без работа, апелираа денеска текстилните компании.

Тие бараат и одложување на роковите за поднесување на барањата за финансиска помош.

Во претстојниот период компаниите очекуваат пад на продажбата за 50 отсто и дополнително откажување на нарачките, но и во моментов, како што рекоа на прес-коференција, ситуацијата е катастрофална, бидејќи капацитетите речиси воопшто не работат.

Според претседателот на Здружението на текстилната и кожарската индустрија при Стопанската комора на Македонија, Ангел Димитров, од јануари наваму, скоро запре производството на текстил, со исклучок на производството на работна облека.

-Компаниите гледаат спас во донесувањето на законот за финансиска поддршка на платите. Ако ги добијат средствата навреме, ќе ги задржат вработените. Во спротивно, огромен број, до 20 проценти од вработените ќе останат на улица, па наместо тие да ги полнат фондовите и Буџетот, ќе бидат под Агенцијата за вработување, ќе користат финансиска помош, а потоа ќе станат социјални случаи. Затоа, ги повикувам пратениците и од власта и од опозицијата партискиот интерес да не го ставаат на прво место, туку интересот на државата, економијата и граѓаните, истакна Димитров.

Тој е информиран дека собраниската седница на чиј дневен ред е Законот за финансиска поддршка на плати треба да се одржи на 23 март.

-Со оглед дека веќе се доцни, компаниите до 15 март мораа да ги исплатат платите, неопходно е во овој Закон да се предвидат одредби со кои би се одложиле роковите за поднесување на барањата за финансиска помош и за поднесување ипсправка на образецот за февруари. Уште еднаш ги повикувам пратениците, за вакви прашања каде што не смее да има партиски интереси, заедно да ги донесат мерките кои се од интерес за граѓаните, нагласи Димитртов.

Домашните компании на почетокот на пандемијата делумно успеаја да ги намалат негативните влијанија од кризата. Намалувањето на нарачките во делот на модните производи беше компензирано со преориентирање на производство на заштитни маски и друга заштитна облека, за која се јави поголема побарувачка.

-Моменталната сутуација според проценките и секојдневните контакти со текстилните компании, кои се базирани на најавите на странските купувачи, за следниот период се очекува намалување на продажбата на производите кое би се движело помеѓу 40 отсто до 50 проценти во однос на претходните години. За исто толку би се намалиле и нарачките од странските партнери, рече Димитров.



Според него, новиот бран на ширење на коронавирусот и воведувањето строги мерки на затворање низ европските земји, доведе до дополнително намалување на продажбите на европскиот пазар, а со тоа и дополнителни проблеми за македонските текстилни компании.

-Поради мерките за заштита од пандемијата кај најголемите трговски партнери на домашните компании и намалената потрошувачка на текстилни производи, во изминатиот период е евидентна тенденцијата на намалување и откажување на налозите од странство, а со оглед на дополнителните актуелни затворања на европските држави, првенствено на Германија и во следниот период се очекува откажување или намалување на обемот на нарачките, односно нарачки на помали серии, истакна Димитров.

Тој оцени дека укинувањето на царините за увоз на репроматеријали во текстилната и кожарската индустрија е реална и вистинска помош за компаниите од овие дејности.

-Придобивките од одлуката со која се укинаа царинските стапки за повеќе од 40 суровини и репроматеријали кои се употребуваат во текстилната и кожарската индустрија, а со важност до крајот на 2021 година се повеќекратни за македонските компании и нудат можности за реорганизирање на нивното производство, да почнат со сопствено производство и да го пласираат и на европските пазари. Со оглед дека 90 отсто од овие компании во земјава работат по лон-систем, оваа одлука многу влијае за подобра конкурентност што е битно за задржување на вработените. Компаниите не може преку ноќ да го намалат лон-производството и да почнат да произведуваа сопствени брендови, затоа одлуката многу значи за фирмите, а со тоа нашиот извоз би пораснал, нашите компании би добиле некоја додадена вредност што ќе значи нивен опстанок, зголемување на конкурентната способност и задржување на вработените, напомена Димитров.

Тој смета дека, сепак, се неопходни дополнителни економски и други релевантни мерки, кои ќе овозможат директна финансиска поддршка на овие трудоинтензивни индустриски сектори, поддршка за развој на конкурентноста, автоматизација и дигитализација на одредени сегменти од производниот процес, набавка на нова опрема согласно со промените на пазарот, со цел зачувување на работните места и опстојување на текстилните компании во наредниот период.

Според Димитров, пандемијата во светски рамки ја намали побарувачката за текстилни производи и облека што влијаеше на намалување на глобалното производство.

Текстилната и индустријата за облека во вкупното индустриското производство на државата учествуваат со 12,82 отсто, вработуваат над 37000 работници и опфаќаат околу 10 проценти од извозот на земјава.

-Индустриското производство во 2020 година кај текстилот и облеката бележи намалување за околу 14 отсто во однос на 2019 година, а истиот тренд продолжи и во јануари 2021. Статистичките податоци покажуваат дека извозот на текстил, облека и кожарски производи за 2020 година изнесувал 493 милиони евра и истиот е намален за 10,6 отсто или за 58 милиони евра во споредба со претходната година кога изнесувал 551 милион евра. Тоа е доказ дека има и огромно намалување на производството кај текстилните комапнии, што доведе до голем негативен економски ефект во поглед на намалена профитабилност и ликвидност, рече Димитров.

Претходна статија

СДСМ: ЈАСНА Е ПОВРЗАНОСТА МЕЃУ ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ И ОРЦЕ КАМЧЕВ

Следна статија

КАРАКАЧАНОВ: НЕМАМЕ ТЕРИТОРИЈАЛНИ ПРЕТЕНЗИИ, НИТУ ПРЕТЕНЗИИ ЗА МАЛЦИНСТВО КОН РС МАКЕДОНИЈА

Најново од Вести