Тешки битки по патот кон ЕУ
Пишува: Христо Михајлов
Каде е вистинската причина, надвор од т.н. „непријателство“ од страна на Бугарија, поради кое повторно сме на дното меѓу кандидатките за членство во ЕУ? Станува сè појасно дека евентуалната интеграција во европските структури не може да се оствари само со празни декларации и со демонстрации на пуста желба. Уште повеќе, начинот на кој досега, наводно, се работеше за таа интеграција, во практика нè оддалечува од ЕУ.
Ни недостасува стратегија што е усогласена со реалните процеси и промените кои се одвиваат во самата Европска Унија, како и со нивните сопствени планови за проширување. Нашата надворешна политика сè уште е излишно идеологизирана, наместо да биде водена од прагматизам. Последните години кристално јасно ја докажаа отсуството на доволно реализам и прагматизам во македонската надворешна политика.
Најдобрата основа за нашата интеграција во обединета Европа може да биде единствено силната домашна економија. Покрај тоа, неопходно е одлично познавање на намерите и можностите и на ЕУ и на НАТО, како и барање соодветни можности за обезбедување на нашата национална безбедност, усогласени со европските реалности.
Како што стојат работите, членството во ЕУ е сè уште далечна перспектива – сон во летна ноќ и мала ноќна музика. Затоа, мораме да го бараме местото на Република Северна Македонија како прагматици, сфаќајќи дека „ориентацијата кон САД“, која ја презеде владата на Мицкоски не дава плод. Не е разумно слепо да се отфрла ЕУ, туку треба реално да ја прифатиме очигледната тенденција проширувањето да се одвива многу бавно, што во крајна линија е и нормално и објасниво.
Ако недостасува искрена желба и умешност да се оди по патот на интеграција во ЕУ, а сето тоа се прикрива со неиздржани пароли и пропагандни клишеа, тогаш е сосема природно да не се очекува наше скорешно приклучување кон обединета Европа. Особено кога тие декларации не се поткрепени со вистински успеси во економската сфера, туку остануваат само на зборови и во практика нè оддалечуваат од целта.
Мора да разбереме дека живееме во време на длабоки промени – се менуваат и концепцијата и смислата на ЕУ и на НАТО, па дури и концептот на неутралност. Треба да почнеме да гледаме на ЕУ не како на непријател или безрезервен пријател, туку како на достоен и уважуван партнер. Пример за таков однос кон сојузи даваат неутралните земји како Австрија и Швајцарија. Првата активно учествува во операции на ОН заедно со делови од НАТО, додека втората зема учество во вежбите на Партнерство за мир.
Во голема мера, позитивното во нашето партнерство со НАТО ќе зависи од способноста да се преземе сè што е корисно, без притоа да се откажуваме од сопствените достигнувања и без да западнеме во крајности – од целосно откажување до безкритичко прифаќање на сè туѓо.
Да погледнеме кои земји станаа членки на ЕУ и НАТО – тоа се држави со заживеана национална економија, силна и добро подготвена армија. Ние и ден-денес сме бескрајно далеку од тој стандард, а ако продолжиме уште неколку години вака, конечно ќе ги загубиме и онака малкуте прилики да го надоместиме нашето заостанување.
А тогаш, и цивилизираната Европа и моќниот НАТО ќе нè заборават.
На трнливиот пат на нашата интеграција во ЕУ и сегашната и претходните власти направија премногу грешки. Ако продолжиме да се занимаваме само со празни пароли, наместо со практична работа за европската интеграција и градење навистина општоевропски систем за безбедност, состојбата уште повеќе ќе се влошува.
Немаме многу време да го избереме вистинскиот пат и да се подготвиме да тргнеме по него – патот на демократска, економски просперитетна и навистина евроатлантска Република Северна Македонија!

