Радев: Германските инвестиции и економската размена носат можности за технолошки трансфер и индустриска соработка
Инвестиционата и економската размена меѓу Бугарија и Германија треба да доведат до продлабочување на трансферот на технологии и индустриската соработка. Ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев на средба во претседателската институција со претставници на Германо-Бугарската индустриско-трговска комора (ГБИТК). На средбата учествуваа претседателот на комората д-р Хорст Штјуер и генералната директорка на ГБИТК Соња Миклај, јавува БГНЕС.
Радев потсети дека Германија е првиот надворешно-трговски партнер на Бугарија, а во 2024 година стоковата размена меѓу двете земји надмина 12,3 милијарди евра. Тој истакна дека на тоа придонесува заемната доверба и активниот дијалог на сите нивоа. „Динамичниот технолошки развој на Бугарија во областа на високите технологии и вештачката интелигенција создава услови за засилен инвестициски интерес на германскиот бизнис во нашата земја,“ рече претседателот.
Заедничка беше оценката дека големата бугарска заедница во Германија отвора можности германските компании да привлечат квалификуван кадар за реализација на своите проекти во Бугарија, додека државата добива шанса да се спротивстави на негативните демографски трендови. Со враќањето на образовани млади Бугари од странство, земјата добива и нови успешни модели на соработка меѓу институциите, бизнисот и науката.
Претседателот Радев нагласи дека е потребно зголемување на транспарентноста во институциите, подобрување на инвестициската клима, гарантирање на приватната сопственост и владеење на правото.
Од ГБИТК, пак, апелираа за поголема предвидливост и стабилност во односите меѓу државата и бизнисот. Тие посочија дека германските компании имаат сериозен интерес за нови инвестиции во реалната економија во Бугарија, што зависи и од стабилноста на правната рамка. Комората исто така повика на јавен дијалог и консултации при изработка и усвојување на законите за да се постигнат најдобрите решенија од взаемен интерес.
