Караџов: Железницата со РСМ и автопатот „Рила“ ќе го разбудат економскиот потенцијал на Ќустендил и регионот
Двe од најзначајните железнички делници по Коридор 8 – Радомир-Перник и Перник-Софија – веќе се вратени во инвестиционата програма на Националната компанија за железничка инфраструктура (НКЖИ). Ова го истакна во Ќустендил вицепремиерот и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов за време на вториот регионален форум за транспортна поврзаност, организиран од Ќустендилската стопанска комора и Кластерот за зелен транспорт, јавува БГНЕС.
Караџов нагласи дека развојот на железничката линија Софија – Ѓуешево и нејзиното поврзување со мрежата на Република Северна Македонија е од стратешко значење. До крајот на годината ќе биде усвоен новиот проект за трасата Радомир – Ѓуешево, која ќе обезбеди директна врска и за Ќустендил. Линијата ќе биде проектирана за брзини до 160 км/ч, а јавниот тендер за изградба ќе биде објавен во средината на следната година. Новата траса ќе минува надвор од населените места, а за жителите ќе биде обезбеден довозен транспорт, додека постојните линии во планинските предели ќе бидат рехабилитирани за мали возови.
Веќе е објавен тендер за изградба на делницата од 2,4 километри до границата кај Ѓуешево. Во ноември е планирано потпишување на договор со Република Северна Македонија за изградба на заедничкиот трансграничен железнички тунел – последниот чекор за завршување на врската меѓу двете земји.
Друг крупен проект за регионот е автопатот „Рила“, кој ќе претставува природно продолжение на автопатот „Струма“ и ќе ја поврзе Дупница со Ќустендил и со границата со Северна Македонија. На 1 октомври Консултативниот совет за концесии ќе го разгледа предлогот за концесија на делницата Дупница – Ѓуешево. До пролет следната година ќе биде избран меѓународен консултант кој ќе ги изработи потребните анализи.
„Овие проекти ќе донесат нов живот за економијата и туризмот во Југозападна Бугарија, а Ќустендил ќе стане дел од транспортната карта на земјата“, изјави министерот Караџов.
Во рамките на посетата на градот, Караџов ги посети железничките станици во Ѓуешево и Ќустендил, како и поштата во градот. На средба со областниот управител инж. Методи Чимев беа разгледани проектите за транспортна поврзаност во регионот.

