Ѓилас: По влезот во ЕУ, Бугарите денес се 80 проценти побогати од Србите
Српскиот опозициски лидер Драган Ѓилас изјави дека по приклучувањето кон Европската Унија, Бугарите станале за 80 проценти побогати од Србите, јавува регионалната телевизија N1, пренесува БТА.
„Ние и Бугарите тргнавме од исто ниво на БДП во 2008 година, тие влегоа во ЕУ, а ние ни до ден-денес не сме дел од Унијата. Денес тие се 80 проценти побогати од нас“, изјави Ѓилас, кој е претседател на Партија на слободата и правдата.
Тој го даде овој коментар како одговор на прашањето зошто кон крајот на 2025 година пет опозициски партии во Србија потпишаа договор за заедничко дејствување.
Според Ѓилас, станува збор за проевропски партии во Србија, а една од нивните цели е да ги информираат пратениците од Европскиот парламент, кои во јануари ќе ја посетат Србија поради политичката ситуација во земјата, зафатена од масовни антивладини протести што траат повеќе од една година.
Ѓилас изрази очекување дека во 2026 година навистина ќе се одржат предвремени парламентарни избори, како што неодамна најави српскиот претседател Александар Вучиќ.
