ОПШТИНА АЕРОДРОМ ЌЕ АНГАЖИРА 13 ЛИЦА ЗА ОПШТИНСКО-КОРИСНА РАБОТА
Општина Аеродром денеска објави јавен повик за ангажирање 13 лица, од кои деветмина како образовни и лични асистенти за потребите во основните училишта и четворица помагатели на стари лица.
Сите евидентирани невработени лица што се заинтересирани да се вклучат во програмата општинско-корисна работа во рамките на проектот „Социјални услуги за еднакви можности за сите генерации“ можат да се пријават во Агенција за вработување – Центар за вработување Скопје во периодот од 5 до 16 август.
Лицата што ќе бидат избрани ќе бидат ангажирани 20 часа неделно за период од 6 до 9 месеци и ќе им биде исплатен паричен надоместок за работно ангажирање во висина од 9.000 денари месечно, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда на работа и професионална болест. Целта на проектот е овие лица да се стекнат со вештини и постепено да се вклучат на пазарот на труд.
Детални информации за програмата „Општинско-корисна работа“ можат да се добијат во Општина Аеродром кај лицата Билјана Кочоска-Тодоровска и Зорица Јаќимовска, општински координатори за програмата „Општинско-корисна работа“, Агенција за вработување – Центар за вработување Скопје кај лицето Шериф Сума, Центар за социјална работа Скопје кај лицето Бисерка Цикарска.
