ТОШЕ ПРОЕСКИ ДЕНЕСКА ТРЕБАШЕ ДА ГО ПРОСЛАВИ СВОЈОТ 40 РОДЕНДЕН
Македонија и Балканот се присетува на најголемата македонска и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески, кој на денешен ден требаше да наполни 40 години.
Тоше е роден во Прилеп во 1981 година. Музичката кариера ја започнал со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отвориле песните „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998).
Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место. Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“.
Ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ден за нас“ (2004), „По тебе“ (2005), „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007). Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.
Неговото издание „Божилак“ е компилација од 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година.
Тоше загина во сообраќајна несреќа на пат кон Хрватска на 16 октомври 2007 година на само 26 годишна возраст.
По повод неговиот роденден, во Загреб вчера се одржа молитва, додека во Скопје, во АРМ ќе се одржи крводарителска акција по 17 пат.