Тошковски: Отворени нови простории за разговор со деца во СВР Струмица
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше и се обрати на свеченото пуштање во употреба на новоуредените простории за разговор со деца во Секторот за внатрешни работи Струмица, активност што се реализира во рамките на проектот „Шведска поддршка на полициските реформи во Република Северна Македонија“.
На настанот присуствуваа амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, како и претставници на институциите и проектните тимови.
Во своето обраќање, Тошковски истакна дека отворањето на овие простории претставува значаен чекор во унапредувањето на системот на правда за деца и воспоставувањето повисоки стандарди во постапувањето со децата кои доаѓаат во контакт со институциите.
„Со отворањето на овие простории не создаваме само нов функционален простор, туку воспоставуваме повисок стандард во третманот на децата. Заедно со веќе воспоставените капацитети во СВР Битола и планираните простории во СВР Тетово и СВР Скопје, градиме систем кој ќе обезбеди еднаков, професионален и достоинствен третман на секое дете на целата територија на државата“, истакна министерот Тошковски.
Тој нагласи дека новите простории ќе овозможат полициските службеници и стручните лица да постапуваат во средина прилагодена на возраста, психолошките и емоционалните потреби на децата, што е особено важно во случаи на семејно и родово базирано насилство, кога безбедната и доверлива средина е предуслов за навремена заштита и ефикасно институционално постапување.
Министерот потенцираше дека квалитетот на една институција се мери и според начинот на кој се грижи за најранливите категории граѓани, нагласувајќи дека секое дете, без разлика дали е жртва, сведок или лице во судир со законот, заслужува достоинствен третман, целосна заштита на своите права и професионален пристап кој ќе спречи секундарна виктимизација.
Воедно, Тошковски упати благодарност до Амбасадата на Кралството Шведска, Шведската агенција за меѓународен развој и Мисијата на ОБСЕ во Скопје за нивната долгогодишна поддршка во јакнењето на капацитетите на Министерството за внатрешни работи и унапредувањето на полициските реформи.

