|

„Треба да се направи ремонт“, Ковачевски бара одговорност со име и презиме

„Треба да се направи ремонт“ – ова е тезата која премиерот Димитар Ковачевски ја употреби кога беше прашан за распуштањето на Судскиот совет. Тој смета дека тоа го покажуваат анализите. Смета дека одговорност треба да се бара од поединци, бидејќи не може да се каже дека се во одредена институција не е добро.

„Во детали немаме разговарано со Лога, тоа е во неговиот ресор. Собранието ја носи одлуката во однос на законските одредби. Треба да се направи ремонт на одредени институции, процеси, закони во делот на правосудството. Сите анализи тоа го кажуваат. Во правосудството има личности кои што се врвни професионалци, има луѓе кои можат да го унапредат своето работење преку обуки, но има и поединци како и во секој систем кои немаат перформанси на ниво на кое треба да имаат. Затоа треба да има систем во правосудството кој ќе може да дијагностицира одговорност, таа има име и презиме. Не може да кажете не е добро се комплет. Туку да се изгради систем. Тоа е начин на кој сите држави ги унапредиле своите системи“, рече Ковачевски, зборувајќи за Судски совет.

Претходно, министерот за правда предложи распуштање на Судскиот совет, по скандалозните случувања во ова тело.

„Го осудуваме тоа што се случи во Судскиот совет и сите не загрижува. Очекувам враќање во нормала. Едно од можните решенија е да престане мандатот на сегашниот состав“, рече Лога.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да поддржи законски измени за да се разрешат сите членови на Судски совет. Претседателот Христијан Мицкоски порача дека институцијата го девалвирала судството.

Слични Објави