|

Трета јавна расправа, и битолчани го поддржуваат рестартирањето на Музичката продукција на МРТ

Вчера (2 мај 2018), во Битола се одржа третата од серијата јавни расправи за рестартирање и ревитализација на Музичката продукција на Македонската радио-телевизија. На средбата во Центарот за култура во Битола присуствуваа истакнати музичари и претставници на повеќе оркестри, хорови, културно – уметнички друштва и музички манифестации и фестивали од овој град…

Идејата и концептот за повторно формирање на Музичката продукција на МРТ ги образложија Цветанка Ласкова, советничката за култура на премиерот Зоран Заев, како и членовите на работната група за нејзина ревитализација, истакнатите композитори и автори проф. Живоин Глишиќ, Кире Костов и Љупчо Мирковски…

По објаснувањето на базичниот концепт, техничките и кадровски елементи за повторно формирање на оркестрите и хоровите, во дебатата се вклучија уметници од музичкиот сектор во Битола. Воведничарите го истакнаа значењето на Битола како град со голема музичка традиција и општина со повеќе значајни детски, популарни, класични и фолклорни фестивали и манифестации.

Беше речено дека во Стратегијата на културата на Министерството за култура за 2018-2022 година е предвидена поддршка на музики ансамбли по градовите низ земјата, што беше прифатено со одобрување од присутните, зашто Битола е град во кој постоеле и постојат повеќе видови музички состави со традиција. Беше оценето дека градот е драгоцена средина која и во минатото давала голем број видни и квалитетни продуценти, музичари и автори во продукцијата и оркестрите на МРТ и дека таа можност ќе продолжи со реформирањето на Музичката продукција.

Студентите на Музичката академија од Штип, побараа вклучување и на Министерството за образование во оваа расправа, зашто сметаат дека е неопходно џезот да се вклучи во средните музички училишта, за да има инструменталисти на испразнети позиции во оркестрите.

Идната недела во Тетово ќе се одржи последната јавна расправа од оваа серија, по што работната група ќе го финализира и достави до институциите предлогот за рестартирање на Музичката продукција на МРТ.

Слични Објави