ТРИЧКОВСКИ ГО СОВЕТУВА ЗАЕВ ЛИЧНО ДА ИМ СЕ ИЗВИНИ НА ХОМОСЕКСУАЛЦИТЕ

„Се сеќавам дека Заев ги почна своите активности како премиер со посета на еден собир на ЛГБТ заедницата во Музејот на современата уметност во Скопје. Бев таму и паметам дека беше убаво дочекан и дека имаше инспиративно обраќање. Јас сум начисто со неговите ставови во врска со рамноправните погледи и третмани на луѓето со различна сексуална ориентација. Мислам дека инерцијата од старите стереотипи во говорот и вознемирувачката политичка ситуација и кумуваа на неговата несреќна изјава дека “нема да дозволи неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педер, да ја урнат власта”. И извинувањето не е соодветно затоа што педер не е адекватен збор за опис и на карактерот на кој било човек.
Малку повеќе внимание во јавната комуникација, особено во вака зовриена атмосфера, е многу потребно.
Реакциите на ЛГБТ заедницата се на место и се апсолутно разбирливи, макар што мислам дека подобро ќе беше ако во нив имаше повеќе место за шансата на Заев да го исправи својот гаф, но, молам, секој настапува во свое име.
Му предлагам да ги посети луѓето во нивното здружение и таму да го изнесе своето жалење и извинување. Тоа би требало да биде нормалниот ред на нештата“, напиша на својот facebook профил новинарот Бранко Тричковски.