ДРУЖЕ ТИТО ВРЕМЕ ВИ Е ЗА ПЕНЗИЈА… И ПРОЧИТАЈТЕ ЗА КАВАРНАЛИЕВ

Тито „Бугарски летоци“ Петковски бил изненаден од изјавата на Борисов, дека отворените историски прашања меѓу Македонија и Бугарија треба да се решат до октомври годинава.

Г-не Петковски, со целата моја понизност и восхит кон Вашата кариера на транзициски политичар и неуспешен кандидат за претседател на земјата, која веќе 30 г. не е дел од Вашата „поранешна татковина“ Југославија, би сакал да Ве замолам да заминете на заслужен одмор. Доволно и дадовте на Македонија, доста е, дајте им пат на помладите од Вас, да ја кренат некако на нозе, бидејќи Вие и Вашата генерација политичари не успеавте.

Знам, сте немале учебници од кои да учите како се гради независна држава, ама барем имајте малку осет за промените кои доаѓаат кон Македонија. Вашиот вокабулар на уплашен југословен е веќе застарен. Освежете го малце, прочитајте малку нова литература, сменете го чипот, а ако не сакате, почнете да пишувате мемоари. Верувајте дека ликови како Миленко и Мирка први ќе си ги купат и ќе им бидат како Библија наредени до мемоарите на вистинскиот Тито, по кого ве крстиле Вашите родители. Се извинувам реков Ве крстиле, а не знам дали сте крстен во светата Вера Христова, бидејќи потекнувате од комунистичко семејство. Подобро би звучело Ви го дале името.

Нема да должам многу, само од оваа мала „трибуна“, би сакал да Ве прашам, кога, ако не сега треба да се решат отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија? За 10, 20 или 100 години? Уште колку генерации млади Македонци и Бугари треба да израснат во омраза едни кон други. Зарем тоа не е грев пред Гоце Делчев, кој така „херојски“ го браните од „ултиматумите Борисови“? Гоце Делчев не загина за да биде причина за поделба. Па негов најблизок пријател и прв биограф бил Бугарин, ама Вие тоа го знаете, упатен сте. Добро во Ваше југословенско време на таа ситница можеби и не и се давало толкаво значење, ама да не забораваме дека многу Бугари и тоа асли Татари, како што би се изразил еден козар, со кого Вие еминентниот политички лидер сте на иста бранова должина кога се работи за Бугарија, загинале за слободата на Македонија. Зарем тие луѓе не заслужуваат мир за своите коски?

Не!!! Тие коски според Вас треба уште долги години да бидат тресени, за да живее Вашата југословенска вистина. За да е жива нормално и омразата кон Бугарија, бидејќи врз темелите на таа омраза, многу што беа Срби со Србите, Бугари со Бугарите и Југословени со Југословените изградија кариери. Не велам дека и Вие сте еден од тие, ама нив ги браните и со упорноста, агонијата македонско-бугарска да продолжи до недоглед, без срам посегнувате кон коските на загинатите за Македонија, комити и војводи, меѓу кои за Ваша огромна жал имало огромен број бугарски офицери.

Кога веќе ги спомнав бугарските офицери, еден таков офицер, од далечниот бугарски град Шумен е полковникот Константин Каварналиев, кој за време на Втората балканска војна, го спасува од сигурна смрт населението на градот Кукуш. Полковникот и неговите војници 3 дена „бијат бој јунашки“ со грчката војска, која откако ќе ги натера далеку помалобројните бугарски трупи да отстапат на север, го запалува Кукуш.

Прочитајте малку повеќе за полковникот Каварналиев. Можеби откако ќе се запознаете малку подлабоко со неговите лик и дело, Вашиот патолошки страв, да не речам патолошка омраза кон Бугарите ќе спласне и дури е можно да стане чудо и да ја снема. Чуда се случуваат г-не Петковски, ама во чуда веруваме ние крстените во Христа, а не во петокраката. Откако ќе се смирите од шокот, по запознавањето со подвигот на Каварналиев, можеби ќе посакате и да го посетите неговиот споменик кај Дојран, истиот споменик што Вашите идеолошки претци го срушиле во 1966 г. Јер бугарски… мајку им фашистичко.

PS: За еден друг полковник, со фамилијата Дрангов, нема да ве „терам“ да читате, иако бил комита во Вашиот крај, се плашам да не се шлогирате од толкава доза херојство земена одеднаш. Одете во пензија друже Тито, пишувајте мемоари, време ви е.

Автор: Атанас Величков