Србиja меѓу реалноста и митовите
Пишува: Иван Николов/БГНЕС
Во деновите кога пред Бугарија една по една паѓаат бариерите за влез во еврозоната, си мислам за историската одмазда, која понекогаш доцни со децении и векови, но секогаш се враќа за да ја испорача својата космичка праведност.
Во годините кога Бугарија немоќно се мачеше, скршена од загубените војни за национално обединување, на Балканот се раѓаше новата држава Југославија, која многу наши сограѓани со години сосема неосновано ја идеализираа како западен остров на демократијата и слободата.
Кога Бугарија почна да ги кине оковите на комунизмот, Југославија почна да се распаѓа – раздирана од внатрешни противречности меѓу нејзините насила обединети народи. Што е уште попарадоксално, кога Бугарија почна бавно да се придвижува кон Запад, Србија се врати кон Истокот.
Судбината сакаше во деновите кога Бугарија влегува во еврозоната, Србија да се тресе од масовни граѓански протести против диктатурата на едноумието на претседателот Вучиќ.
Засега, демонстрантите се свесни само за тоа што не го сакаат – диктатурата на Вучиќ. Прашањето е, дали се свесни што навистина сакаат.
Токму овој недостиг на јасна визија за иднината, јасни цели и план за дејствување го уништи големиот историски шанс за промени на 15 март годинава, кога Белград беше преплавен од најмасовните протести во историјата на Србија. Режимот на Вучиќ не се двоумеше да употреби насилство и звучни оружја против демонстрантите, но тоа не беше причината за пропаста на протестот.
Студентите навистина сработија многу – ги мобилизираа луѓето и ги разбудија надежите за промени, но не стана јасно какви всушност треба да бидат тие промени.
Од барања за објавување на градежната документација и одговорност за паднатата натстрешница на железничката станица во Нови Сад, која уби 16 лица; одговорност за напаѓачите врз студентите; отфрлање на обвиненијата против студентите и повеќе средства за високото образование, на крајот се стигна до барање за оставка на Вучиќ.
Уште есента минатата година беше јасно дека протестите нема да можат да успеат без поддршка од меѓународната демократска заедница, но западните набљудувачи многу внимателно ги анализираа пораките кои ги испраќаа говорниците на протестите и задржаа воздржана позиција. Колку и да беа масовни, на протестите недостигаа европски знамиња и проевропски пораки. Напротив, анти-европските крикови се засилуваа, а паролите за враќање на Косово, обединување на српските земји и слично ги натераа европските аналитичари и набљудувачи да замолчат. И покрај импресивните протести и и покрај неверојатната енергија со која студентите пешки ја обиколија Србија и дури стигнаа до Брисел.
Сомнежите се зголемија откако студентите го избраа митолошкиот Видовден како датум за протест против режимот на Вучиќ. Видовден е централeн симбол на великосрпскиот национализам, кој ги обединува митовите и заветите на исто така митскиот „цар“ Лазар и на паганските божества, кои немаат ништо заедничко ниту со христијанството, ниту со црквата.
Во српската историја, Видовден се поистоветува со судбински одлуки и големи порази: Битката на Косово 1389 г.; Тајната конвенција меѓу Србија и Австро-Унгарија 1881 г.; Втората балканска војна 1913 г.; атентатот врз престолонаследникот на Австро-Унгарија Франц Фердинанд во Сараево 1914 г.; крајот на Париската конференција 1919 г., Видовденскиот устав 1921 г.; Резолуцијата на Информбирото 1948 г.; говорот на југо-диктаторот Милошевиќ во Газиместан на Косово 1989 г.; предавањето на Милошевиќ на Меѓународниот трибунал во Хаг 2001 г.
Токму затоа одлуката да се свика големиот протест на Видовден во Белград против Вучиќ предизвика недоумица. Кога говорниците излегоа на бината, недоумицата прерасна во револт. Повторно одекна истата националистичка реторика од времето на Милошевиќ, цитати од воениот злосторник Радован Караџиќ, профашистичкиот владика Николај Велимировиќ, лажнопатриотски изливи за „крв и земја“, за „слобода на српскиот народ надвор од Србија“, единство со Косово, Република Српска, Црна Гора и Северна Македонија!?
Очигледно има студенти кои не сфаќаат дека токму овој наратив ја доведе Србија до состојбата против која тие денес протестираат и се борат со полицијата на Вучиќ, и дека продолжувајќи по истиот пат, нема како да стигнат на друго место. Сѐ што беше кажано на овој протест, слободно можеше да го каже и самиот Вучиќ и ќе добиеше исти аплаузи. Само што цитатите од пријателот на Хитлер Николај Велимировиќ денес се контрапродуктивни во Брисел. Можеби цитати од Хана Арент, Хабермас или Карл Попер ќе имаа некаква корист, но проблемот е што многу малку луѓе ги читаат.
Студентското движење, во кое и натаму се полагаат сите надежи за некаква поинаква, демократска и европска Србија, се префрли во десната лента и се обидува да го нападне Вучиќ оддесно со старите националистички идеологеми за општосрпско обединување од времето на Газиместан 1989 г. Тука тој е непобедлив.
Србија има потреба од алтернатива на целата своја културна парадигма.
Од гледна точка на дотогашните студентски барања, пораките од Видовден 2025 г. се бесмислени и штетни. Врз таа стара матрица нема како да никне правна држава и функционални институции, да се отстрани корупцијата и да се обезбедат безбедноста, слободата и еднаквоста пред законот – нешто за што студентите сосема оправдано инсистираа на почетокот на протестите.
Враќајќи се кон националистичките наративи, тие се враќаат кон насилството, тиранијата, шовинизмот, бедата и изолацијата, и дури да го победат, рано или доцна повторно ќе се соочат со некој нов Вучиќ.
Ако демонстрантите – српски граѓани – не успеат да излезат од овој маѓепсан круг на националистички заблуди и видовденски митови, Србија ќе продолжи да маршира назад во минатото, независно од стотиците илјади демонстранти што се собираат по плоштадите на српските градови, апсењата, тепањата и судските процеси што Вучиќ сѐ почесто и побрутално ги користи против нив.

