Трипуновски: Македонија домаќин на 18-тиот годишен состанок на министрите за земјоделство, заедно ја подобруваме регионалната соработка
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски денеска од 18-тиот годишен работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа порача дека тој е одлична можност министрите меѓусебно да се запознаат и да разменат мислења, идеи и прашања кои што се од областа на земјоделството, руралниот развој, па и пошироко.
„Согласно Агендата денеска ќе опфатиме многу важни теми, анализи од повеќе аспекти, додека на крајот од настанот ќе се извлече еден генерален заклучок од дискусиите со што ќе се усвои една Заедничка декларација.
Со оваа Декларација ќе ја потврдиме заедничката решеност да се надминат сите билатерални и мултилатерални конфликти поврзани со слободното движење на стоки, услуги, луѓе и капитал поврзани со храната и земјоделството. Сите поврзани прашања ќе се решаваат со добра волја и дух на солидарност, и нормално добрососедски односи.
Ќе ја продолжиме регионалната соработка, меѓусебната размена на информации и взаемна помош како регион“, нагласи Трипуновски.
Со Декларацијата, како што појасни ќе биде изразена силната решеност за креирање политики и национални акциски планови за постигнување на национална и регионална безбедност на храна и стратешка автономија во отворената економија за обезбедување одржливо и конкурентно производство на храна достапна за населението од целиот овој регион.
