Тројца офицери од Воздухопловните сили на Бугарија беа наградени со почесен знак од претседателот Радев
Тројца офицери од Воздухопловните сили на Бугарија беа одликувани со почесниот знак на претседателот на државата, јавува БТА. Бугарскиот претседател Румен Радев ги врачи признанијата на генерал-мајорот од резерва Иван Парапунов, потполковникот Стефан Стефанов и мајорот Димитар Григоров за нивниот значаен придонес кон националната безбедност.
При свеченото доделување, претседателот истакна дека тројцата офицери се пример за професионализам, долг и посветеност на авијациската мисија. Според Радев, со својата работа тие го зајакнуваат авторитетот на Воздухопловните сили и ги инспирираат младите генерации пилоти и специјалисти по авијација.
Претседателот посочи дека генерал-мајор Иван Парапунов има клучна улога во изградбата и развојот на Воздухопловните сили, како и во основањето на Фондацијата „Бугарски воздухопловни сили“. Потполковникот Стефан Стефанов бил награден за покажаниот висок професионализам и храброст при гаснењето на шумските пожари во летото 2025 година, а мајорот Димитар Григоров се истакнал со одлична летачка подготовка и посветена служба во заштитата на воздушниот простор на Бугарија во рамките на заедничкиот систем за противвоздушна одбрана на НАТО.
Радев нагласи дека авијацијата не е само борбена способност, туку и дух, родољубие и континуитет меѓу генерациите.

