Бугарскиот пасош се наоѓа на 14 место во светот според безвизниот пристап
Бугарскиот пасош овозможува безвизен пристап до само две држави помалку од американскиот, покажува најновата ранг-листа на Henley Passport Index, која веќе 20 години ги мери најмоќните патни документи во светот, јавува бугарската Нова телевизија. Привлечноста на американскиот пасош паднала на најниско ниво досега во оваа класација.
Според податоците, бугарскиот пасош се наоѓа на 14-тото место, што Бугарија го дели со Кипар, и овозможува патување без виза во 178 земји. Во споредба со почетокот на годината, кога беше на 15-та позиција, документот се има искачено едно место нагоре, иако бројот на земји со безвизен пристап останал ист. Сепак, во однос на јулската класација, Бугарија изгубила едно место.
На врвот на листата се наоѓа Сингапур со безвизен пристап до 193 држави, по кој следуваат Јужна Кореја со 190, и Јапонија со 189 држави. На четвртата позиција се пет европски земји — Германија, Италија, Луксембург, Шпанија и Швајцарија, чии граѓани можат да патуваат без виза во 188 држави.
Класацијата Henley Passport Index се базира на податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) и претставува најпрестижниот глобален показател за патните слободи кои ги уживаат државјаните на различни земји.

