ТРОЈНО СЕ ЗГОЛЕМУВА СОЦИЈАЛНАТА ПОМОШ (ВИДЕО)
Владата следната година ќе издвои 2,2 милијарди денари за зголемување на социјалната заштита. Реформата на социјалната заштита ќе стартува на почетокот на следната година, а од февруари 2019 година корисниците на социјална помош можат да очекуваат повисоки износи. Ова денеска го најавија на прес-конфереција во Владата, премиерот Зоран Заев и министрите за труд и социјална политика и финансии Мила Царовска и Драган Тевдовски.
– Четиричлено семејство со две возрасни деца и едно лице кое е неработоспособно месечно ќе добива 11.700 денари. Трите лица влегуваат во системот на активација, односно поддршка за подготовка за вработување. Типично четиричлено семејство со две малолетни деца ќе добива 10.600 денари од кои денес 70 отсто од овие лица имаат 3.029 денари и тоа ги доведува во дополнителен ризик. Разликата е над 7.000 денар или 300 отсто – рече министерката Мила Царовска.
Таа појасни дека се зголемува опфатот на семејства, односно деца кои ќе примаат детски додаток и образовен додаток. Детски додаток сега примаат многу малку деца, вкупно 3.200 деца. Ваков додаток примаат само оние семејства кои имаа приход од 10.000 денари. Со реформата овој додаток ќе го примаат 73.500 деца – рече Царовска.
Во иднина детски и образовен додаток ќе добиваат и семејствата со едно вработено лице, односно оние кои примаат минимална плата.
– Семејствата со минимална плата од 12.165 денари во наредните години ќе имаат месечен приход од 15.465 денари. Во овие приходи влегуваат детскиот додаток од 1.600 денари и образовниот додаток од 1.700 денари. Оние пак со право на минимална гарантирана помош ќе земаат 10.600 денари, во кои влегуваат детскиот образовниот додаток, како и енергетскиот додаток – појасни Царовска.