Уапсени две лица од Албанија за пожарот на островот Чиово во Хрватска, вршеле градежни работи на куќа
Хрватскиот министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, потврди дека денеска се уапсени две лица под сомнение дека имаат врска со пожарот на островот Чиово.
Тој рече дека станува збор за странци што остануваат на работа во Хрватска, но не сакаше да ги прејудицира резултатите од истрагата.
Според сплитска „Слободна Далмација“, уапсени се двајца албански државјани што имаат работна дозвола и легално се во Хрватска, а изведувале градежни работи на куќа.
Тие се приведени во полициска станица, каде што против нив се води кривична истрага.
Весникот пишува дека досегашната истрага утврдила дека пожарот избувнал во близина на куќата во која работеле, а причината за пожарот ќе ја утврди натамошната истрага.
Големиот пожар на хрватскиот остров Чиово сѐ уште не е ставен под контрола, но пожарникарите успеале да го опколат и да го свртат кон морето, спроти куќите.