Ученичка од Бугарија го освои највисоко признание на Space Camp во Измир
Четиринаесетгодишната Мартина Дујкова, ученичка во 22. СЕУ „Георги С. Раковски“ во Софија, го освои признанието Outstanding Camper на летната програма Space Camp во Измир, Турција, соопшти Центарот за креативна обука, пренесува БТА.
Дујкова е наградена за научните знаења, лидерските вештини и тимската работа при тренинзите на симулатори, конструирањето ракети и симулираните вселенски мисии.
„За мене е исклучителна чест што го освоив токму медалот Outstanding Camper. Тој се доделува за лидерство и комуникациски вештини“, изјави Дујкова.
Таа е стипендистка на Центарот за креативна обука, а нејзиното учество е поддржано од фондот „Фантастико до тебе“.
Ова е второ вакво признание за Бугарија оваа сезона, откако претходно медалот го освои и 14-годишниот Калојан Стефанов од Првата приватна математичка гимназија во Софија.
Годинава во Space Camp учествуваат вкупно 150 бугарски ученици на возраст од 11 до 15 години. Четвртата бугарска делегација ќе замине кон крајот на август, кога е предвидена и средба со американскиот астронаут Крис Семброски, учесник во мисијата Inspiration4 на SpaceX.

