Ученици, студенти и наставници од Молдавија во образовна посета на Русе
Ученици, студенти и наставници од Молдавија посетија неколку образовни установи во бугарскиот град Русе и Регионалниот телевизиски центар на Бугарската национална телевизија (БНТ), објави БНТ. Посетата ја организира Асоцијацијата за развој на бугарската заедница во Молдавија со цел да ги поврзе младите од двете земји преку размена на знаења, идеи и искуства.
Во телевизискиот центар гостите ги разгледаа музејот, режијата и студиото. Од екипата на БНТ дознаа како се подготвува телевизиската програма. Марија Догару од Младинскиот центар „Васил Левски“ во Молдавија изјави дека особен впечаток ѝ оставило историското значење на градбите во Русе.
Во репортажата за посетата, БНТ потсети на филмот од 1993 година во кој Емил Радев ја раскажува приказната за Петар и Елена Стојанови од молдавскиот град Тараклија и нивната поврзаност со бугарската народна музика.
За музиката со која пораснала зборуваше и Дарија Михајлова од Тараклија, студентка на Русенскиот универзитет „Ангел Канчев“. „Се сеќавам дека кога како дете одев кај баба ми, кај неа постојано свиреше бугарска народна музика“, изјави Михајлова.
