УЧЕСТВО НА ДРЖАВНИОТ СЕКРЕТАР ВИКТОР ДИМОВСКИ НА СОСТАНОКОТ НА ВИСОКО ПОЛИТИЧКО НИВО НА ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА БЕЗБЕДНОСНА ПРОЛИФЕРАЦИЈА
Државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, денес, во Париз учествуваше на високо политичко ниво на Иницијативата за безбедносна пролиферација, по повод 15-годишнина од нејзиното формирање. Целта на оваа Иницијатива е спречување на пролиферација на оружје за масовно уништување преку имплементација на практични мерки на пресретнување на илегални трансфери на материјали за оружје за масовно уништување, како и системи за нивна испорака.
Во своето обраќање на тема „Меѓународен безбедносен контекст и непролиферацијата“, државниот секретар Димовски истакна дека Република Македонија стана дел од Иницијативата во 2003 година заради фактот што заканата од пролиферација на оружје за масовно уништување претставува една од најсериозните закани за меѓународниот мир и безбедност. Воедно го нагласи клучното значење на мултилатералната соработка во рамките на Иницијативата за безбедносна пролиферација, за надминување на комплексните предизвици со кои се соочува меѓународната заедница. Државниот секретар Димовски информираше и за националните напори во оваа сфера, преку донесување на Национална стратегија и Акциски план за спречување на пролиферација на оружје за масовно уништување и заштита од хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани.