УЧИ СИНЕ ЗА ДА НЕ РАБОТИШ, АМА БУКВАЛНО!

Истакнато Колумни Позиција

Секоја година и секако пред секои избори никогаш никој не го пропуштил делот за да зборува за реформи. Реформи ваму, реформи таму, реформи насекаде а реформи никаде! Освен ако не се некои тендерски па со добивањето на избори да се поднаправи нешто во стилот на „замачкување на очи“, па потоа да има со што да се правдаат оние кои претходно ветувале „брда и долини“. И како и обично на нашите македонски медиуми сѐ ќе прочиташ и ќе видиш, налетав на една сторија за брачен пар од Штип, кои иако двајцата се со факултетска диплома веќе 17 години, тие немаат работа.

Еве онака од срце да ви кажам, многу ми е криво кога ќе прочитам за луѓе кои се мачеле, учеле дошле до диплома и се без работа. 17 години дипломирани без работа!!! Каде е грешката?! Образовниот систем? Не знаењето како да се испланираат и менаџираат потребите односно потребните кадри во нашата држава?! Толку ли е тешко да се извадат листи од Агенцијата за вработување и да се искалкулира што е вишок а што ни е потребно?! Ако тргнеме на страна дека до сега кај нас во Македонија се играло на карта „вработување партиски војници без разлика на образованието“ грешката дефинитивно е пред се во образовниот систем. Зошто на педагошки факултет има годишно по 200 места за запишување на студенти кога веќе имаме многу учители кои со години се дипломирани и не можат да дочекаат работа?! Ова беше пример. За жал истото се случува и со тие по македонски, физика, хемија, замислете дури и математика! Зошто се пуштаат места на факултетите за кадри кои веќе ги има премногу во државава?!

Ни треба многу јака реорганизација. Како пример ќе го земам здравството. Нели немаме доктори? Нели немаме доволно кадар? Намалете ги партиципациите или едноставно укинете ги, зголемете го бројот на слободни места на медицинскиот факултет, секако тој што не го бива сам ќе си напушти уште првиот семестар! Истото важи и за средните медицински училишта. Па не мора да им бидат сите петки на учениците за да можат да се запишат средно медицинско училиште! Многу добро знаете дека ако биле сите петки во основно не мора да значи дека тоа дете е баш за средно медицинско училиште на пример. Едноставно можеби не е талентирано во таа насока!
Веќе ви е јасно што сакам да кажам. Веќе ви е јасно зошто се иселуваат сите од најмало до најстаро! „Учи сине за да се вработиш“ не е веќе вистина. Дојде време на „поддај сине за бугарски пасош“ за да се спасиш!!!

Автор: Елизабета Најдоска Величкова