Унгарската полиција истражува медиумски магнат поврзан со Орбан поради сомнежи за перење пари
Унгарската полиција започна истрага против сопственикот на неколку големи медиумски компании под сомнение за злоупотреба на средства и перење пари, објави „Ројтерс“. Од полицијата не соопштуваат имиња, но медиумскиот магнат Ѓула Балаши призна дека сметките на неколку негови компании биле замрзнати.
Бизнисменот исто така ја објави својата подготвеност да ги предаде своите средства на државата. „Ја нудам корпоративната група што ја градев 22 години на унгарската држава. Не го правам ова затоа што сакам да сокријам нешто или бидејќи сме направиле нешто незаконско или неправилно, туку затоа што мислам дека активностите што ги реализиравме во корист на државата ги надминуваат рамките на пазарните комуникациски дејности и затоа нивното место е во буџетот на јавниот сектор“, изјави Балаш во своето интервју за „Контрол“ пред неколку дена.
На крајот на април Петер Маѓар, кој во саботата стана премиер на Унгарија, објави дека даночните власти блокирале странски парични трансфери извршени од лица поврзани со високопозициониран член од кругот на Виктор Орбан.
Компаниите на Балаши добивале државни тендери за време на претходната унгарска влада и повеќе од 10 години учествуваат во подготовката на предизборни кампањи за поранешниот премиер Виктор Орбан. Токму тие се автори на антиукраинската предизборна кампања на Орбан, која ги претстави априлските избори како избор меѓу војната и мирот.
Според Transparency International, само во периодот 2019-2021 година компаниите на Балаши – Lounge Design, New Land Media и Media Dynamics – добиле државни договори во вредност од 295 милијарди унгарски форинти (970 милиони долари), главно од Националниот орган за комуникации.
„Бројот на договори што ги добиле фирмите на Балаш значително пораснал – од нула до 150 годишно за време на владеењето на Орбан, во периодот меѓу 2012 и 2025 година“, се наведува во извештајот од 10 април 2026 година на унгарскиот Центар за истражување на корупцијата (CRCB).
Маѓар, лидерот на партијата „Тиса“, која победи на априлските избори и го собори Орбан по 16 години на власт, вети дека ќе се бори против корупцијата и ќе „ги врати украдените државни средства“, ќе стави крај на користењето на информативните емисии на јавната телевизија и радио за пропаганда и ќе го пренапише медиумскиот закон.
Во 2024 година унгарскиот истражувачки центар Direkt36 објави дека Ѓула Балаши, заедно со унгарска државна фондација, делумно го финансирал купувањето на телевизиската мрежа Euronews. Компанијата била купена во 2022 година од португалскиот бизнисмен Педро Варгас Давид, кој имал блиски лични и деловни врски со владата на Орбан. Зделката била проценета на 150 милиони евра. Унгарски државен фонд обезбедил 45 милиони евра, а New Land Media на Балаши дала дополнителен долгорочен заем од 12,5 милиони евра.

