|

Уште 10 чекори до можна екстрадиција на осудените за „Диво Насеље“ во Косово, Лога не кажува дали Македонија ќе дозволи

Најмалку 10 чекори ја делат кумановската група осудена за настаните во Диво Насеље до екстрадиција во Косово, каде што бараат да го издржат остатокот од казната. Новиот министер за правда, Кренар Лога, посочува дека најпрвин осудените ќе треба да си ја доуредат документацијата бидејќи барањата не им се во согласност со законот. Тој одби да каже негов став дали Македонија ќе дозволи екстрадиција по завршување на процедурите и посочи: „Не можам да кажам пред време, без да имам став од сите фактори поврзани со ова прашање. Би сакал да сум воздржан“.

„Јас го побарав досието поврзано со трансферот на кумановската група. Најголем дел од тие барања не е според тоа што предвидува законот. Остануваат уште најмалку 10 чекори до нивниот трансфер во Косово. И за ова прашање ние ќе треба да имаме согласност од двете страни. Се надевам дека за овие и други прашања ќе имаме комуникација во државата, но и со Косово“, рече Лога.

Некои од осудените за настаните од Диво Насеље имаат косовски државјанства. Од 29 осудени, седуммина се со казни доживотен затвор, 13 казни затвор од 40 години и други пониски казни.

Осудените 28 часа пукаа на македонската полиција во Куманово, а судот ги осуди на вкупно 746 години затвор. Обвинети се за тероризам за настаните во Куманово од 9 до 10 мај 2015 година, во кои загинаа осум полицајци.



Слични Објави