„Успеавме, затоа што бевме заедно“: свечена седница во Собранието по повод 60 години од скопскиот земјотрес
Во Собранието на свечена седница се одбележа шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година.
На седницата, на која присуствуваше и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, претставници од државниот врв, пратеници, претставници од Црвениот крст, верските заедници и дипломатскиот кор им оддадоа почит на семејствата што ја преживеаја оваа трагедија и им се поклонија на жртвите.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во своето обраќање пред присутните рече: „Скопје ги спои околу една цел луѓето, институциите, меѓународните организации и воопшто човештвото.
„Земјотресот го стави Скопје на пиедесталот како град – симбол на солидарноста, епитет на кој сите ние се сеќаваме со должна почит затоа што во секој агол на овој убав град наидуваме на дело кое е потсетник на интернационалната солидарност и потсетник за сите нас за тоа колку сме слаби и немоќни кога сме сами. Потсетник за тоа колку значат подадена рака, понудена помош, топло засолнште и оброк во време кога си изгубил сѐ и си останал сосема сам со својот гол живот. Затоа е важно да се одбележи денот, за да не се заборави, за да биде водилка во нашето созревање како држава, колку и да сме мали, и наше облагородување како човечки суштества. Солидарноста, соработката и сплотеноста околу крајната цел придонесува во намалување на несреќите. Успеавме, затоа што бевме заедно. И ќе продолжиме да бидеме и понатаму. Градот на солидарноста, градот што никна од пепелта и стана споменик на хуманоста. Да не се повтори никогаш“, додаде Џафери.
Премиерот Димитар Ковачевски потенцира дека Скопје денес е познат како град на солидарноста, што не е фраза, туку е кодот на Скопје.
„Катастрофалниот скопски земјотрес, кој е длабоко врежан во нашето минато, за нас е поука и порака да продолжиме сплотени да го чуваме и градиме нашето општество врз темелите на солидарноста, пожртвуваноста и заедништвото. Да градиме општество базирано на демократски вредности, на грижа за другиот, емпатија и хуманост, вредности што ќе ги пренесеме и на генерациите што идат. Да го негуваме и чуваме и да се грижиме за него и за нашата држава како што тоа го правеле и предците пред нас, а ќе продолжат генерациите по нас“, порача Ковачевски.