Успешно реализирана втората фаза од проектот за Хераклеја Синтика
Втората фаза од проектот за реставрација, конзервација и социјализација на античкиот град Хераклеја Синтика е успешно реализирана со средства од Оперативната програма „Региони во раст“. Проектот опфаќа 31 декар општинско земјиште и претставува значаен чекор во стратегијата на Општина Петрич за одржлив туристички развој, јавува Пиринско.
Во рамките на проектот се изградени посетителски центар, конференциска и дигитална сала, како и современи римски терми што ја користат минералната вода од локалитетот Рупите. Реализирани се и детски камп за зелени училишта и уреден простор за кампување.
Комплексот располага со парково уредување, паркинг, детски и спортски игралишта, фитнес на отворено и зони за активен одмор. Сите објекти се изградени во согласност со барањата на НАТУРА 2000 и принципите на еколошка градба.
Градоначалникот на Општина Петрич, Димитар Брчков, истакна дека проектот воспоставува добар баланс меѓу научната и презентациската компонента и ја зајакнува туристичката улога на регионот. Раководителката на проектот, инж. Катја Стојанова, нагласи дека општината води доследна политика за заштита и развој на културното наследство.
Со општински средства се изградени доводен водовод и трафостаница за електроснабдување. Во следната фаза е планирана еколошка патека меѓу новиот комплекс и археолошките структури, наменета исклучиво за туристичко возче и велосипеди.
Со реализацијата на проектот, Хераклеја Синтика се утврдува како важен фактор за развој на културниот и природниот туризам во регионот.
