Кос: Бугарија е европската порта за поврзување со Централна Азија
Бугарија има клучна улога во поврзувањето на Европската Унија со Централна Азија и може успешно да биде домаќин на самитот за меѓународна поврзаност, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во Стразбур, јавува БТА.
„За мене, Бугарија е портата на Европа за поврзување“, рече Кос, нагласувајќи дека земјата природно се наоѓа на коридорот што треба да ги поврзе ЕУ, Јужен Кавказ и Централна Азија.
Според неа, за програмата за поврзаност се предвидени 12 милијарди евра, а средства за вакви проекти ќе бидат планирани и во следниот буџет на ЕУ. Во финансирањето треба да учествуваат и меѓународни финансиски институции и приватни компании.
Кос најави дека во почетокот на октомври ќе ја посети Бугарија за конференција посветена на Коридорот VIII, кој ги поврзува Јадранското и Црното Море, оценувајќи дека улогата на Бугарија во проектот е клучна.
Таа посочи дека иницијативата треба да донесе подобри трговски, енергетски, транспортни и дигитални врски и да ги обедини постојните инфраструктурни проекти во поширока европска стратегија.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен претходно најави нов проект за поврзување на Јужен Кавказ и Централна Азија директно со европскиот пазар. Бугарија следната година треба да биде домаќин на самит посветен на поврзаноста.

