| |

Петрова: Бугарија ќе ги приоритизира проектите за меѓународните транспортни коридори

Бугарија ќе им даде приоритет на инфраструктурните проекти што овозможуваат реализација на меѓународните транспортни коридори, особено на влезно-излезните точки на земјата, изјави министерката за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова во Стразбур, јавува БТА.

Според неа, станува збор за железнички и патни проекти, како и за проширување на постојната енергетска инфраструктура. Проектите ќе бидат приоритизирани во подготовките за Регионалниот самит за поврзаност, а ќе бидат вклучени и финансиски институции на европско ниво.

„Бугарија и сегашната бугарска влада го поставија прашањето за поврзаноста уште на првата средба на премиерот Радев со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, како еден од нашите главни приоритети, кој ја позиционира Бугарија како влезна точка на Европа, а не како периферија“, рече Петрова.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен претходно најави Регионален самит за поврзаност со бугарскиот премиер, како и нов меѓународен проект што треба да ги поврзе Јужен Кавказ и Централна Азија директно со европскиот пазар преку т.н. Среден коридор.

Преку иницијативата „Глобал Гејтвеј“ се планира привлекување до 12 милијарди евра јавни и приватни инвестиции за проектите за поврзаност.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос оцени дека Бугарија има природна географска положба да биде врска меѓу Европската Унија и Централна Азија и изрази уверување дека земјата успешно ќе се справи со организацијата на самитот.



Слични Објави