Утре Скопје треба да добие парно
На еден ден пред почетокот на грејната сезона, третото друштво на ЕСМ за снабдување со топлинска енергија се уште нема лиценца. Сепак, од Владата уверуваат дека од утре парно ќе има, иако гас е обезбеден само за две недели.
Како ќе се обезбеди греење од следниот месец, зависи на кој принцип ќе работи централата ТЕ-ТО која работи само на гас.
Греење се обезбедува и преку топланите кои освен на гас, може да работат на мазут или нафта. Со топланите Исток и Запад раководи ЕСМ откако ги зема под закуп од Адора Инеженеринг. Самостојно на регулираниот пазар функционира само топланата Скопје Север која грее 500 семејства во Бутел и Чаир. За нив грејната сезона е започната уште минатата недела.
Ако цената на гасот е превисока, енергенси за работа на топланите ќе се користат од државните резерви. Пратениците од власта предложија Предлог-закон за дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви, што практично би значело дека државата бесплатно би отстапила дел од дериватите во резервите, за јавните претпријатија да вршат енергетска дејност.
Вчера од ЕСМ информираа дека во 105 објекти сè уште не се обезбедени бараните услови за старт на грејната сезона. Велат дека имаат дефекти во внатрешната грејна инсталација и не е дозволен пристап на екипите на компанијата до топлинските станици.
Во некои од нив немало ниту струја. Оттаму апелираа до потрошувачите и управителите да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок и тоа веднаш да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи. Одржувањето на внатрешната грејна инсталација согласно важечките законски и подзаконски акти е одговорност на потрошувачите, истакнуваат од ЕСМ.

