|

Утврдени неправилности во Институтот за јавно здравје: Државниот ревизор изразува неповолно мислење

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изразува неповолно мислење за финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции на Јавната здравствена установа Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија за 2024 година.

„Изразивме неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2024 година“, се нагласува во извештајот на ревизорот.

Проверката на спроведување на препораките дадени во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор број 16-208/8 од 12.04.2018 година е спроведена во текот на 2019 година кога е утврдено дека од дадените петнаесет препораки, четири препораки се спроведени, една е во тек, седум се делумно спроведени и три препораки се неспроведени.

„Со извршената ревизија на финансиските извештаи на Институтот за 2024 година утврдено е следното: за приемот и потрошувачката на медицински материјали не е воспоставена целосна евиденција и не е извршено усогласување на податоците од сметководствената и материјалната евиденција со спроведениот физички попис на сите потрошни материјали;
приемот и потрошувачката на вакцини не е евидентиран во деловните книги;
попис на побарувањата не е направен во целост, а за побарувања во износ од 18.245 илјади денари кои се постари од три години не се преземени активности за наплата;
активности предвидени со Националната годишна програма за јавно здравје за 2024 година не се спроведени во целост;
неправилности поврзани со ангажирани лица со договор на дело и недоследности при издавањето на простор на Институтот под закуп“.

Во насока на надминување на утврдените состојби ревизијата дала препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

„Во делот на Нагласување на прашања ревизијата известува за ненаплатените побарувања од Министерството за извршени здравствени услуги по програми за здравствена заштита во износ од 17.058 илјади денари, чија наплата е неизвесна.
Од страна на одговорното лице на Институтот и законскиот застапник за периодот предмет на ревизија доставени се забелешки, известувања, коментари и образложенија на Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор. Истите се разгледани и констатирано е дека дел од нив претставуваат известувања за преземени мерки и мерки кои ќе се преземат во иднина, дел претставуваат образложение за причините за настанатата состојба, дел не се прифатени поради
недоставени дополнителни докази и една забелешка делумно е прифатена за што е соодветно обелоденето во Извештајот“.

 



Слични Објави