В’лчев-Бар Зоар: Сторијата за спасувањето на бугарските Евреи треба да допре до што поголем број млади луѓе
Министерот за образование и наука на Бугарија, проф. д-р Георги В’лчев, и израелскиот писател и општественик проф. д-р Михаел Бар-Зоар разговараа за зачувувањето на споменот за спасувањето на бугарските Евреи, како и за заеднички иницијативи за промовирање на историската заслуга на Бугарија, соопшти прес-службата на Министерството за образование и наука, пренесува БТА.
„Такво било воспитувањето во бугарските семејства и тоа е пример што треба да го чуваме и познаваме“, изјави проф. д-р В’лчев. Тој истакна дека Бугарите отсекогаш биле толерантни, а Евреите биле прифаќани како дел од народот.
Според министерот, фактот што бугарското општество нашло сила да ѝ се спротивстави на огромната воена моќ на Третиот Рајх претставува пример за храброст што треба да биде зачуван во историската меморија на идните генерации.
На средбата проф. д-р Бар-Зоар посочи дека во текот на сите години во кои работи на промовирање на спасувањето на бугарските Евреи, бара одговор на прашањето каде се корените на толерантноста на народот и на неговата желба да им помага и да ги разбира оние што се различни од него.
Според него, за разлика од други држави, Бугарите им останале верни на принципите запишани во нивниот Устав.
„Денес е важно децата да го познаваат подвигот што го направиле нивните баби и дедовци и да се гордеат со него“, рече проф. д-р Бар-Зоар, цитиран од Министерството.
Проф. д-р Георги В’лчев и проф. д-р Михаел Бар-Зоар се согласија дека сторијата за спасувањето на бугарските Евреи треба да допре до што поголем број млади луѓе, како пример за човечност, храброст и граѓанска солидарност.
