Адмирал Ефтимов: Бугарија има клучен придонес за одбранбениот потенцијал на НАТО во Црно море
Бугарија целосно го поддржува новиот ангажман за зголемување на инвестициите во одбраната до 5% од бруто домашниот производ (БДП) до 2035 година. Ова беше истакнато од началникот на одбраната, адмирал Емил Ефтимов, за време на прес-конференција со претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, кој престојуваше во посета на полигонот за обука „Ново село“, јавува БГНЕС.
„За нас ова е клучна фаза во националниот и колективниот план за изградба на ефективни борбени капацитети во рамките на НАТО“, изјави адмирал Ефтимов.
Во рамките на посетата, адмирал Драгоне се запозна со активностите на Мултинационалната борбена група на НАТО, предводена од Италија, на која Бугарија е домаќин, како и со статички приказ на вооружувањето и техниката на сојузничките сили.
Зголемувањето на трошоците за одбрана, според Ефтимов, директно ќе придонесе не само за модернизација на бугарската армија, туку и за развој на националната инфраструктура, одбранбената индустрија и отворање нови работни места.
Тој го потенцираше и клучното геостратешко значење на Бугарија и значителниот придонес на земјата во јакнењето на одбранбениот потенцијал на НАТО во регионот на Црното Море. Бугарија одржува тесна соработка со Романија и Турција во насока на заедничка безбедност во Црното Море.
Од своја страна, адмирал Драгоне го истакна значењето на Бугарија во контекст на растечките закани.
„Соочени сме со закани кои произлегуваат од врските на Русија со Северна Кореја, Иран и Кина, како и од тероризмот. Нашата определба да ја браниме Алијансата и да го заштитиме животот на еден милијарда луѓе останува наш врвен приоритет. Бугарија е јасен пример за нашата решителност и отпорност. Вие испраќате силна порака дека сме тука за да ја заштитиме секоја педа од територијата на Алијансата“, истакна Драгоне.
