ВАКЦИНИРАЊЕ, КЕШИРАЊЕ ИЛИ ДУПЕЊЕ УШИ

Пред извесно време проструи еден податок според кој е утврден огромен број (за жал овај број е навистина реален) на ученици кои по некоја случајност недостигаат во нашите училишта, па згора на тоа и првооделенците не можат да се запишат и да го започнат законски задолжителното основно образование без комплетна листа за имунизација.

Не сум баш сигурен дека така стои во Законот за образование и дека тој закон претрпел некакви измени, но сепак без образложение првооделенците не можат да се запишат во школо. Доколку измена на законот е некaква изјава по медиумите тогаш да ги толкуваме законите според вашите изјави (се разбира доколку не се на ЈУ есперанто).

Рокот за упис полека истекува, а Владата нема излезено со официјален став или да испрати било каков писмен допис до налдежните институции, за да можат да постапуваат според него. Што очекувате од родителите? Мислам дека не постојат родители кои не сакаат да ги заштитат своите деца, но не знаат дали нивните деца ќе бидат заштитени преку капачето на иглата како што беше презентирано по медиумите, изминатиот рок на вакцината (со исклучок на овие поновите кои се при крај со рокот на важност), што е со оние кои ги примија тие вакцини и дали таа вакцина заштитува и од други болести според фотографиите кои се прикажуваа на медиумите.

Добро е што компанијата која имаше грешни декларации на вакцините после „огромната” казна од дестина илјади евра се заколна дека нема повеќе да става такви декларации и заслужено за возврат доби нов тендер, па по тој терк на промени Министерството за образование еден ден излегува со еден став, а другиот ден пу-пу не важи па ајде одново…

Сакам само да знам според вас, колку вреди еден човечки живот? Дали тој човечки живот за вас вреди барем малку повеќе од една валкана и искината крпа? Зошто не прогласувате епидемии на грип кога има стотици илјади заболени? Зошто не преземете некакви мерки за енормно зголемениот број на канцерогени заболувања? Зарем тоа не е епидемија кога секој трет во една општина страда од тоа заболување иако не е заразно и преносливо? Дали вие се грижите за своите граѓани исто како оние кон кои се стремиме и нивните стандарди, каде не е замисливо да се исклучи човек од апарати и по дваесет години кома, каде се издвојуваат милионски суми за лекување на секого подеднакво без разлика кој е и каде е неговото место во општеството. Дали и таму се собираат средства за лекување со донации на граѓаните, дали и таму ударна вест е донација на ЕКГ апарат во некоја државна болница, пренамена на „комбањ” во амбулантно возило…?

Можеби и таму се затвораат болници како во нашиот полупразен исток, така што граѓаните од тој регион ќе бидат приморани и за најобичен преглед или контрола на колкови на новороденче, на пример, да патуваат по стотици километри до главниот град и да стегаат палци, за да завршат работа и да не бидат презакажани за по некој месец, а всушност што ќе ти е болница кога во неа има двајца ортопеди и еден педијатар… Можеби и таму некаде низ светот е исто, па затоа нашите доктори и медицински песонал во толкав број заминуваат да работат во такви услови и за иста плата. Можеби и таму размислуваат да ги стерилизираат инструментите во друг град стотици километри оддалечен, па доколку задоцнат пациентот ќе причека во операциона сала, а куќата ќе чести некоја кеса крв и инфузија…

Најважно е што се поставија нови табли на влезовите, а некаде и свежа боја на фасадата па што е битно каква е сликата внатре. Паркингот се разбира е платен и доста ефикасен за оние кои имаат камења во бубрезите, па големи се шансите да ги исфрлат додека да стигнат до влезот, а доколку не успеат на прво се препорачува да свртат уште еден круг. Како и во другите министерства така и овде на повидок се „успешните” реформи, па така редно е да дочекаме датум за преговори со ЕУ по летото, а ако не ова сигурно ќе биде следното и така натаму како што сме си навикнале…
Редовно во извештаите ги слушаме истите забелешки, па така нашите влади толку многу труд вложуваат, што во следниот извештај горе-долу ги потврдуваат рекордните проценти, како на пример онај за невработеноста од 45%, и тоа без оние кои одамна се иселија (кај да е ќе ги достигнат дозволените 15% во ЕУ)…

Успеси на сите страни, во економијата гледаме чуда со порастот на БДП, милионски суми од странските инвестиции, за огромното покачување на минималната плата, успешни реформи во образованието, во правосудството… абе да ти е мерак да слушаш и да гледаш. Како што доаѓа секоја нова влада се се подобри во креирањето на поколоритни очила и медиуми, па така во оваа ставка никогаш не сме забележале надолна линија.

Автор: Благојче Трајковски, член на УК на ГДУ