Вапцаров- пак ли на „Стрелбиште“?

//

Пишува: Владимир Перев

На 23 јули 1942 година, во рамките на Софискиот гарнизон, во делот наречен “Стрелбиште“, стрелан е поетот и револуционер Никола Јонков Вапцаров, заедно со уште петмина свои сомисленици и соборци. Со тоа се прекинува кариерата на еден револуционер, терорист и поет од македонскиот/бугарскиот етникум во Царство Бугарија, официјално популаризиран кај нас по нејасната дефиниција на “дводомни“ поети.
Македонистите од ОМО Илинден и ОМО Илинден-Пирин деновиве во Благоевград формираа “свој“ Културен клуб со името на прославениот поет. Тој и беше отворен како реакција на бугарските “фашистички“ клубови во Македонија, “Ванчо Михајлов“ и “Цар Борис Трети“ во Македонија.
Тажна и контроверзна е судбината на поетот-револуционер. Одраснал во сенката на силен татко и властна мајка, а бил оженет со жена која не го заслужувала ниту неговото внимание, а уште по малку неговата љубов.
Јонко Вапцаров бил војвода и револуционер, најблискиот пријател на цар Фердинанд и неформален командант на неговата лична “преторијанска“ гарда, а останал и пријател со подоцнежниот Цар Борис Трети. Само тој, Јонко, имал клуч од задниот влез во царскиот дворец и можел по било кое време да влезе во одаите на цар Фердинад. Мајката Елена Вапцарова била евангелист-методист, образована жена и протестантска активистка, а била и пријателка со познатата Мис Стон.
Освен стариот Јонко, целото семејство е на линијата на левите, комунистички “теченија“ во бугарското општество, даже веднаш по Првата светска војна, а може би и порано. Ова може и да се види од писанијата на членот на Македонскиот литературен кружок Михаил Сматракалев, алиас Ангел Жаров, кој вели дека гласот на Партијата, конкретно на КПСС бил глас кој се прифаќал без резерви. Во советизирањето на семејството Вапцарови, голема ролја има емигрантот д-р Мајлер, за кого подоцна се утврдува дека бил агент на НКВД инсталиран во Банско, во семејството на Вапцаровите. Таа опскурна личност прв дава на младиот Никола Вапцаров книги со социјалистичка содржина, го инструира и дефинитивно го води кон неговата гибел.
Братот на поетот, Борис Вапцаров, активно учествува во македонизацијата на Пиринскиот крај, за потоа безсрамно, по 1948 година, да се врати на позициите на БКП и остане речи си, доживотен партиски гаулајтер на Благоевградско. Тој е таткото на оној Колјо Вапцаров кој “разговараше“ за “нашата и вашата историја“ со Христијан Мицковски, но и татко на познатата режисерка и писателка Маја Вапцарова. Во домот на Вапцаровите во Софија до денешен ден можат да се видат скапоценостите подарени од двајцата Кобурзи на семејството Вапцарови.
До сега, најцелисходна анализа на ликот, делото и творештвото на Никола Вапцаров, дал бугарскиот писател и поет Марин Георгиев во своето дело “Третиот разстрел“, засновано врз документи од досието на Вапцаров. Критичка анализа! Колку што знам, Георгиев подготвува и нова книга за Вапцаров, исто така со критички тонови кон Вапцаров. Редакцијата на списанието “Фокус“ во периодот кога уредник беше Зоран Димитровски, пушти во неколку продолженија, делови од книгата на Марин Георгиев. Тоа, во тој период, беше изненадување, но денес, секој има достап (електронски) до досието на Вапцаров и таму може да се види точно, што работел поетот, која била неговата дејност и заради што пострадал.

Бил безкомпромисен подржувач на Советскиот Сојуз. За време на познатата Соболева акција 1940 година низ Бугарија, тој агитирал за блиски односи, дури и за сојуз на Бугарија со СССР, во време кога СССР е во сојуз со Германија врз основа на договорот Молотов-Рибентроп и заедно ја парчосуваат независна Полска. Резултат на тој договор е трагедијата позната како “Катинската шума“. Исто така, на 20 април 1940 година, неделникот “Литературен критик“, чиј што уредник е Вапцаров, го поздравува разгромот на Кралска Југославија од германските војски и го честита обединувањето на целиот бугарски народ…да не се заборави, тогаш уште важи пактот Молотов-Рибентроп!
Лаиците не би требало да говорат за квалитетите на поезијата на Вапцаров, тоа е тема за оние кои професионлно си ја вршат работата. Да доживуваш нешто, да бидеш вознесен од силата на поетската реч, е една работа, сосема друго е да си даваш мнението за нејзиниот квалитет. Во тој контекст, впечатливо е мнението на Димитар Митрев за членовите на Македонскиот литературен кружок каде што вели дека, “македонските емигранти во Бугарија, кои се стремеле да бидат македонски патриоти, во своето сознание и подсознание си таеле неодживеани траги на великобугарски шовинизам. Такви нијанси, според него, имало и во поетските напори на Никола Вапцаров“. За многумина, ова е многу нејасна позиција на Митрев, ама нема никаква причина да не му веруваме!
Треба внимателно да се прочита досието Вапцаров, за да се видат многу за нас познати личности, да се види како сите тие, со разноразни признанија и поткажувања, се извлекле од лапите на смрта. Тука ќе го најдеме и Павел Шатев и ред други дејци. Умирањето на Вапцаров почнува уште на судскиот процес, каде многумина од писателите и поетите, викнати да сведочат за неговата поезија, истата ја оценуваат како неважна и без уметнички квалитети. Прво е умртвена неговата поезија, за потоа тој да биде стрелан.
За Вапцаров треба да се пишува внимателно. Молба за милост на синот подала неговата мајка Елена. Неточно е пишувањето дека таткото Јонко молел за милост кај царот Борис Трети. Војводата Јонко, бил починат пред неколку години, поточно, на 17 јануари 1939 година. Исто така неточно е дека Елисавета Б’грајана молела за милост кај Борис Трети. Таа била гостинка во богатиот дом на Вапцаровите во Банско, заедно со други многу познати личности на своето време, а била и една од многубројните љубовници на Јонко Вапцаров. Нејзиното сведочење на процесот протв Вапцаров и другите, не се одликува баш со голема храброст, напротив! Војводата бил хедонист и често бил во конфликт со пуритански настроените михајловисти, иако секогаш припаѓал кон нив! Во неговиот “емотивен круг“ се движи исто така, големата бугарска поетеса Дора Габе.
Прилепчанецот Димитар Талев никогаш не бил пријател со цар Борис Трети. Михајловистите како него, не се дружеле многу ниту со царот, ниту со “царските луѓе“. Нив ги интересирало политичкото расположение во бугарската влада, во армијата и разузнавачките служби. Биле насочени кон анексијата на Македонија и тоа бил критериумот по кој го ценеле пријателството. Знаеле дека царевите немаат пријатели. Требало некој да е малоумен да го тера Талев да оди кај цар Борис и да моли за Вапцаров, а самиот тој никогаш не би го направил тоа. Напротив, би ја поддржал најстрогата пресуда!
Македонското собрание донесе закон за борба против фашизмот, нацизмот, антисемитизмот, Третиот Рајх, шовинизмот и што ли уште не! Како да сме во 1945 година. Така, поетот одново го однесовме на “Стрелбиште“!
Сега сѐ е во ред. “Омразените“ пиринци ќе останат без својот Вапцаров, а македонските фашисти, без своите идоли. Така некако би можеле да се толкуваат и последните одлуки на Македонското Собрание. Никако да разберам, како тоа Пиринците станаа напредни и демократи, а како ние Вардарците останавме фашисти, нацисти и поддржувачи на Третиот Рајх…Никаде не се споменува борбата против комунизмот, веројатно се мисли дека и во Пиринско и во Вардарско, сите сме комунисти. Конечно заедно, во прегратките на Џугашвили, Тито и Тато…абе, ги чита ли некој решенијата на ПАСЕ? Каде сме тргнале?





Претходна статија

Кој е д-р Милен Врабевски- филантропот со кауза за братски односи меѓу Бугарија и РС Македонија

Следна статија

(Галериja)Во Скопје одбележан бугарскиот празник „Ден на народните будители“, публицистот Владимир Перев ја доби наградата „Будител на годината“

Најново од Истакнато

Последниот атентатор (8)

Спомени на Крсто Петрушев (1913-2007) од Богданци, припадник на ВМРО, запишани од Владимир Перев. На почетокот