ВАРДАР ТРАДИЦИОНАЛНО ЈА „МАЧКА“ РЕНОВА – СО НОВА ПОБЕДА ЌЕ ѝ ИЗБЕГА НА А. ПАНДЕВ!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар денеска (13.30 часот) ќе има супер шанса да избега на пет бода во однос на втората Академија Пандев, ако успее да ја победи секогаш незгодната тетовска Ренова во еден од четирите меча кои денеска се на програмата во рамките од 13-то првенствено коло.

Ако некој има традиција да ја „мачка“ Ренова особено дома тоа дефинитивно е Вардар, зашто на последните 11 меча, само еднаш не победиле (реми без голови во октомври дома), па ваквата традиција на црвено-црните им влева надеж дека може да се стигне до триумф со кој ќе се издигнат после шокантниот пораз со многу контроверзи и инциденти во средата кај Шкендија (0-1), по што испаднаа од Купот и пехарот во ова натпреварување останува сон веќе 12 години.

Скоро цела една деценија Ренова не знае за победа во Скопје кај Вардар. Последен пат тоа се случи на 14 август 2010 година во најужасната година за првиот фудбалски бренд во земјава, кога младата екипа практично испадна од Првата лига на крајот од сезоната. Оттогаш, Ренова не знае за триумф, а во изминативе пет години, најголем успех на „гипсарите“ им е толму ланското октомвриско реми без голови.

За Вардар триумф над тетовци ќе биде добредојден за брзо да се соземат од шокот после поразот со Шкендија, зашто нов неуспех би ги турнало во кризен период, во кој Вардар по репрезентативната пауза и почетокот на вториот круг од шампионатот има периоди во кои игра тотално дезорганизирано и се мачи на теренот, а лошата реализација е капак на сè, иако резултатски со две победи и реми не изгледа така. Академија Пандев и Работнички ремизираа 1-1 вчера во првиот меч од ова коло, па сега на вардарци им се отвора шанса за да избегаат уште повеќе на врвот.

Првакот Шкендија после триумфот над Вардар и пласманот во четвртфиналето во Купот го пречекува Борец во меч на кој тетовци немаат право на кикс, зашто и вака имаат преголеми 12 бода негатива во однос на црвено-црните, па секој нивни кикс и триумф на Вардар е нов голем чекор назад во трката за титулата. Велешани во првиот круг својата прва победа на свој терен ја запишаа баш против Шкендија и досега сè што освоија беше пред своите гледачи, па сега е се обидат повторно да ги изненадат шампионите, макар и со прв бод сезонава од гостувањата. Нема сомнение дека Шкендија на хартија е фаворит, но тоа ќе треба големите ѕвезди и да го докажат на терен, а сигурно е дека Борец однапред нема да им се предаде и ќе чека шанса со добра дефанзива и брзи контри да стигне и до сензација.

Македонија ЃП го пречекува Силекс во обид да стави крај на ужасната серија од четири меча без победа во изминатиов период (сосе ремито во Купот и елиминацијата од Брегалница), а кратовци доаѓаат за да го „скршат мразот“ сезонава на гостувањата, зашто како и Борец и тие немаат ниту еден бод надвор од својот стадион.

Шкупи е домаќин на Струга Трим Лум во последниот денешен меч, на кој чаирчани ќе се борат за победа за да се прближат до Академија Пандев, која сега им бега осум бода.

ПРВА ЛИГА, 13. КОЛО (13.30 ЧАСОТ)

ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: Македонија ЃП – Силекс

ТЕТОВО: Шкендија – Борец

АРЕНА: Вардар – Ренова

ЧАИР: Шкупи – Струга Трим Лум

ТАБЕЛА: Вардар 27 бода, А. Пандев 25 (+1), Шкупи 17, Македонија ЃП 17, Шкендија 15, Силекс 15, Струга Трим Лум 14, Ренова 14, Борец 14, Работнички 11 (+1).

Извор: Спорт1