Вархеји: ЕУ го задржа и зајакна моментот на проширување во текот на 2024 година
Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји денеска соопшти дека го претставил Пакетот за проширување за 2024 година. Тој посочи дека ЕУ го задржа моментумот на проширување во текот на оваа година и го зајакна со дополнителни алатки. Колеџот на комесари денеска одржа состанок посветен на Пакетот за проширување, кој се состои од соопштенија и извештаи на Комисијата за десет кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ.
„Го претставив пакетот за проширување за 2024 година. Во 2019 година имавме седум партнери за проширување, сега имаме 10. Во 2019 имавме пет земји кандидати, сега имаме девет. Го задржавме моментумот на проширување во текот на 2024 година и го зајакнавме со дополнителни алатки“, рече Вархеји на социјалната мрежа Икс.
Вархеји денеска заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на прес-конференција во Брисел треба да го презентира Пакетот за проширување, кој ќе содржи и извештаи за Северна Македонија, Србија, Албанија и Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Турција и Украина.
Пакетот за проширување го оценува спроведувањето на политиката за проширување на ЕУ, ја разгледува позицијата на земјите во спроведувањето на клучните политички и економски реформи и дава јасни препораки за секој од партнерите. Овој пакет ја оценува усогласеноста на партнерите со критериумите за пристапување во ЕУ, таканаречените критериуми од Копенхаген, и ги дефинира реформите што треба да ги преземат партнерите кои се подложени на процесот на проширување за да станат членки на ЕУ, пренесува Танјуг.