ВАСОСКИ: ПОРАЗИТЕ ВО АНТАЛИЈА НЕ МЕ ПЛАШАТ, ВАРДАР ПРОЛЕТВА ЌЕ БИДЕ УШТЕ ПОДОБАР!

/

Најтрофејниот македонски клуб Вардар ги заврши зимските подготовки и во последните десет дена до стартот на пролетниот дел од сезоната со домашниот меч против Македонија ЃП ќе ги доработува финесите за да тргне во походот кон шампионскиот трофеј, за кој во моментов има осум бодови предност пред главниот ривал Шкендија.

Скопските црвено-црни без победа во шест меча и со само едно реми без голови против Црвена Звезда ги одработеа тест-мечевите во кои играа со сериозни екипи, како Динамо Киев (0-4), сплитски Хајдук (1-3), Црвена звезда (0-0) и доста солидните ТСЦ Бачка Топола (1-2), словенечка Мура (1-3) и Борац Бања Лука (0-2), меч на кој играше вториот тим со младинците. Резултатски Вардар не мина како што посакуваат навивачите, ама целта на напорните подготовки беше грешките да се случат во паузата, а не во првенството што претстои.

„Јас сум задоволен како ги одработевме овие зимски подготовки, пред сè зашто напорно трениравме, а патем морам да посочам дека од овие подготовки добивме уште неколку млади фудбалери, кои полека ги ставаме во вистинскиот колосек и кои ќе добиваат шанса полека во тимот. Во преден план ни беше играта, како да се подобриме во сите сегменти, резултатите не беа приоритет, иако никој не сака да губи, тоа е нормално“, анализира тренерот Александар Васоски за 20 дневните подготовки на црвено-црните во Анталија.

Ретко кој во август од овој Вардар веруваше дека ќе се бори за титула, а уште помалку дека ќе има осум бода повеќе од ривалската Шкендија. Екипата за шест месеци сега е поискусна, а вторите подготовки на најголемиот дел од младинци во тимот се плус за да се крене екипата скалило погоре од тоа што беше есеноска.

„Мислам дека имаме напредок во однос на есеноска и јас верувам дека треба да видиме подобар Вардар во пролетниот дел од сезоната. Оваа екипа сега е поискусна и позрела за една година и се надевам дека ќе го покажеме тоа. Во фудбалот никој не може нешто да предвиди или прогнозира, видете кој можеше да предвиди дела Ливерпул ќе има 30 бода повеќе од ривалите. Ама, нашата цел останува иста, а тоа е борба за шампионскиот трофеј. Одиме од почеток до крај да се бориме за титулата“, додава Васоски.



Вардар за в недела планира последен контролен меч со Кадино (за местото на одигрување на мечот сè уште се бара), кој треба да биде завршна проверка на тимот што идниот викенд ќе истрча против цврстите и незгодни „лавови“, кои есеноска двапати не загубија од актуелниот лидер.

„Ќе го земам овој последен меч со Мура што го одигравме во Анталија, каде игравме добар меч цели 70 минути, но потоа имаше и пад, а тие во завршницата ставија десет посвежи играчи. Не сме подготвени уште за целм меч во исто темпо, имавме грешки, но подобро тие грешки сега да ни се случуваат на подготовките, за да ги видиме, за да ги отстраниме, отколку да ни се случуваат во првенството. Друга работа е што ваквите напорни подготовки, младите многу потешко ги поднесуваат во однос на поискусните и постарите. Еве на Младеновски ова му се втори вакви подготовки. Уморот е голем кај сите после такви напорни тренинзи, мечеви, но кај поискусните тоа не се приметува, за разлика од помладите, кои тешко го поднесуваат тој умор, па се јавува деконцентрација, прават грешки, лоши додавања… Сепак, на овие подготовки ние на овој тим добивме уште неколкумина младинци, пред се Петејчук, Омерагиќ, Величковски, тука е Ѓурковски, кој доби доста шанса и останатите. Полека ќе ги ставаме во првиот тим, сите полека ќе ги ставиме на прав колосек“, вели Васоски.

Вардар во пролетниот дел од сезоната тргнува со истиот тим, само без Никола Серафимов во обид да ја прекинат двегодишната доминација на ривалската Шкендија. За вардарци есенскиот успех е уште поголем, зашто фудбалерите ја немаат „главната поддршка“ од управата околу финансиите, но обединетоста, инаетот и истрајноста ги одведоа на врвот, а навивачите свесни за сите проблеми во клубот, очекуваат и пролетва од играчите да го повторат истиот пристап на секој меч – борба до последен здив за црвено-црните бои.

Извор: Спорт1

Претходна статија

СПАСОВСКИ: OДГОВОРНИТЕ ЕКОНОМСКИ ПОЛИТИКИ ЈА ПОТТИКНАA АМЕРИКАНСКАТА КОМПАНИЈА „ДУРА АУТОМОТИВ СИСТЕМС” ДА ИЗГРАДИ УШТЕ ДВЕ ФАБРИКИ ВО НАШАТА ДРЖАВА

Следна статија

НОВИНАР ОБВИНУВА СОВЕТНИЧКА НА ЕРДОГАН ЗА ЛАВИНАТА ШТО УБИ 33 СПАСУВАЧИ ВО ТУРЦИЈА

Најново од Вести