ВЧИТУВАЊЕ: КОЈ КОМУ ЗА (ПО)СТО %
Време е на скенирања, пресметки и проценти. Се скенира имунитетот на населението, фискална сметка, патничка торба на аеродром, гени во клетките, биометриски пасоши на граничните премини, секој влез и излез во пекарите.
Пресметките се составен дел од животот на поединецот. Се прават пресметки како да се исплатат сметките, даноците, да се инвестира, секој дел од нашето задоволство или нужна потреба навикнавме да го пресметуваме во денари, евра или долари.
Некому задоволствата му чини – 50 денари и се вика милка чокаладо, некому милиони денари и се вика кавијар, морски и јаткасти плодови. Уште пострашно е што не само задоволствата, туку и здравјето, животот и достоинството чинат различна сума претворена во бројка на екранот.
Од скоро во нашиот говор често се користи и терминот – процент или посто. Во медиумите секојдневно може да се прочита вест – владата одлучи да донира 20% посто, да ги награди работниците со 30%, да им помогне на претпријатијата кои неотпуштиле повеќе од 10% од вработените и слично.
Неизбежно е да размислуваме во мрежата на математички односи и проценти.
Еве како изгледа претворањето во (по)сто:
Судиите се вчитуваат на 20%
Уставните судии решија да донираат 20% од своите плати и собраа цели 134.000 денари со кои ја покажаа својата срдечност и солидарност.
Таа сума на пари е еднаква на една просечна плата на еден судија од Уставен суд, но тој факт не ги спречи уставните судии да се пофалат дека сепак и тие се откажале од своите благодети за општото добро.
Уставните судии наплаќаат за својот молк и нереагирање во носењето на проблематични закони и носењето на законите на проблематичен начин.
Медицинските работници се на 20 (по)сто
Медицинските работници работат во очајни услови, за ниски плати и во корумпирани средини каде директорите се партиски, а не управни фигури на институтите и болниците.
Владата одлучи да го награди медицинскиот труд чие значење го сфати токму во здравствената криза, со по 20% покачување од нивната плата.
Ова владина логика наликува на милостивоста на господарот да го „награди“ робот за неговата работа со тоа што ќе му даде паштета покрај стандардниот оброк со леб и вода.
(Целата колумна на Магдалена Стојмановиќ, прочитајте ја на www.veritas.mk)

