|

СОФОКЛЕ ПОД МАСКА

Во драмите на Софокле нема ништо комично, нема ниту во она што се случува на македонската политичка сцена, иако човек најдобро ги доловува работите со хумор и најдобро се брани од ужаси, повторно со хумор. Не случајно се вели дека: „Хуморот е најсериозната работа на светов“.

Од почетокот на месецот до денеска, се случија неколку настани кои се плоден материјал да се напише драма или сценарио за театарска претстава.

Сцена 1

1ви Мај – Ден на трудот

Само неколку дена пред обележување на „Меѓународен ден на трудот“, министерката за финансии – Ангеловска ги објасни мерките за социјална помош на претпријатијата. Во нејзината изјава имаше скандалозни импликации – „Можете да ги отпуштите вработените до одреден број, а ние за тоа ќе ви платиме соодветно“.

Со остра реакција одговорија синдикатите, многу се на број, оние кои долго време хибернираа и беа пасивни, видоа прилика за автопромоција, – реална заложба на синдикатите ниту имало, ниту ќе има.

На 1ви Мај почна со важење продолжениот полициски час, почнуваше од 14 часот, а завршуваше во 05 следниот ден. Убава прилика да се соберат роднини, да се појде на викендички, да се испие некоја чашка повеќе, да се задоволи паганскиот порив – сите да сме собрани околу едно огниште (скара) на кое го вртиме уловот (месото) чија што поголема количина ни прави поголема мегаломанска сатисфакција.

Никој не го знае вистинското значење на 1ви Мај, ама така останало, уште од времето кога Тито организирал екскурзии во природа, па во независна Македонија – неработен ден, па обичаите се пренесуваат побрзо од гените и издржуваат повеќе генерациски преноси.

Ден, како ден, пијани лиѓе, мистички доживувања, изјави на љубов и бес, ден за „одмор“ со многу дупки во сеќавање.

Сцена 2

4ти Мај  – 117 години од смртта на Гоце Делчев и 40 години од смртта на Јосип Броз – Тито

Млада невеста мора најрано да се јави, таков е редот во секоја домаќинска куќа, особено ако влегувате во вмровска, кај конзервативните десничари се знае која е улогата на младата невеста во куќата. Максим Димитриевски уште еднаш блесна со срцепарателна порака за обележување на 117 годишнина од смртта на Гоце Делчев, се осврна на неправдата која ја доживеавме како народ, за малку ќе кажеше Северно Македонци, ама се воздржа. Прашање на време е кога Максим Димитриевски ќе направи „лапсус“ со додавање на придавката „Северна“ и ќе ја потврди уште еднаш старата народна поговорка „Теле се учи, вол не“, а за СДСМ потешко е да искорениш „Република Северна Македонија“ од употреба одошто „Република Македонија“.

По тоа се појави министерката за одбрана – Радмила Шекеринска, со цвеќенце во рака отишла да му одаде почест на Делчев кој како што вели „Се борел за Македонија, а денеска неговиот гроб се наоѓа во Северна Македонија“. Како истакната војсководка, застана храбро пред новинарите од сите медиуми, уште еднаш да упати сентиментална порака за тоа колку за неа и за нас значи еден Гоце Делчев. Ама, ја начека полупијано друштво од навивачи со гласно извикување „Никогаш Северна, само Македонија“. Како што вели народната поговорка, од пијан човек и будала бега, во ова ситуација се обвистини, Рада собра парталите, се насмеа срамежливо пред камерите како права македонска бегалка што се насмевнува на родителите пред да стане бегалка за некој турски ага.

Тоа не е се.

Токму на овој ден, како што се очекуваше на гробот на Гоце Делчев се појави партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ, нормално без жени, само 4 стамени мажи кои се поклонија пред својот револуционер, положија цвеќе и го пуштија главниот нешто да каже (да не речам да ги усере). Тој како по обичај се што кажува исчезнува како меур во воздух поскоро одошто потрошил време да го каже, му фали ли шарм, цврстина или харизма, кој знае… Застана пред микрофоните, нормално најблиску до оној на ТВ Алфа и посочи: „Треба да ги оставиме мртвите во време на делби и поделби, сега е време за нова обединувачка енергија на балканските народи“. Уууу јеботе, не требало 1903 година да има делби и поделби, најдобро да сме си останале уште под Османлиско владеење и Бог да не види. Дошол на гроб на револуционер од неговото ВМРО, а ја споделува Титовата идеја за возобновување на федерација на балканските народи. Можеби во Мицкоски се крие еден комуњар – утопист пар екселанс.

Целата колумна на Магдалена Стојмановиќ прочитајте ја на www.veritas.mk .



Слични Објави