Конструирана перцепција
Facebook статус на Никица Корубин
Која беше првата реакција на влада која формално се залага за владеење на правото и борба против корупцијата, на негативните извештаи на релевантни организации за борбата против корупцијата и владеењето на правото во Северна Македонија, од пред некоја година? “Тоа е перцепција на граѓаните, а не вистинска состојба”. “Перцепција” е првиот збор кој е идеален да се опише и првата реакција на “јавноста” на последното големо истражување на ИРИ за политичката состојба во Македонија, направено во октомври оваа година. Но, не како “перцепција на граѓаните за состојбите”, туку како конструирана перцепција врз граѓаните. Која е всушност “перцепцијата” за оваа анкета која се “продава” на јавноста?
Најексплотираниот податок вчера, на електронските медиуми (телевизиите) и на порталите беше, покрај стандардната забава за рејтингот на политичарите и партиите, дека “државата се движи во погрешна насока”. И навистина, ако се погледне само тој податок, 56% велат погрешна, 13% исправна и има 28% неутрални, кој се проголтани од “молкот и мракот” на медиумите, впрочем како и многу други важни информации. Вака презентирана информацијата, сама за себе е доволно силна и индикативна. Но, дали е така?
И дали ова е всушност брутална манипулација со перцепцијата на граѓаните за целата анкета, односно за нивната сопствена перцепција. Медиумите како да заборавија да кажат и некои други релевантни податоци од истата анкета, која патем речено содржи повеќе од 60 прашања од различни области, и која е релевантна само доколку се анализира во целина, на ист начин на кој биле анкетирани и граѓаните, во целина. Ниту еден податок, сам за себе, не зборува ништо доколку не е дел од целината и од контекстот. Но, сепак се (зло)употребува, тој податок и само оние податоци кои се подобни за … медиумите, партиите, клановите? За кого е всушност потребен овој инжињеринг?
Која е првата асоцијација на секој од нас, кога ќе слушнеме од сите страни, од нашите “слободни, независни и непристрасни” медиуми од секаков вид дека “државата се движи во погрешна насока”, а ние се движиме само во еден правец, кон ЕУ? Дека ЕУ е “погрешната насока”? Тоа е пораката на денот на “јавноста”? Но, анкетата има прашање и за членството во ЕУ, всушност има цело поглавје за евро-атлантските интеграции и за надворешната политика, и тие велат нешто сосема друго: 73% подржуваат Северна Македонија да стане членка на ЕУ, 24% се против, и 3% немаат одговор. Слична е ситуацијата и со НАТО.
Ако, се поврзат ова прашање со прашањето од почетокот на текстот се добива контрадикторна перцепција, повеќето се за ЕУ, а сепак државата се движи во погрешна насока?! Само навидум, бидејќи во комбинација со сите други прашања, кои се главно тековни и “дневна политика” што би рекле, резултатите се загрижувачки. За партиите и партократијата. Довербата во политичките партии, индивидуално или колективно, во институциите на државата кои се перцепираат токму преку носителите на политички функции, произлезени од партиите; се застрашувачки ниски.
Како резултат на тоа, веројатно, доаѓа уште еден податок, а тоа е дека 51% од анкетираните сметаат дека “демократијата е најдобар начин на уредување”, наспроти 27% кои веруваат дека “има и други форми еднакво добри” и 14% дека има “други форми на владеење, подобри од демократија”. Според предоминантното автократски практикувањето на политика низ годините, добро е што граѓаните се’ уште имаат доминантно верба во демократијата како систем.
Но, кога ќе ги споиме овие неколку параметри, што добиваме како вистински резултат од анкетата?
Граѓаните во големо мнозинство се за ЕУ, значи за систем на вредности и владеење на правото, се’ уште веруваат во демократијата, иако вербата е нарушена, но никако не веруваат на политичките партии, на јавните функционери, на минатите и сегашните лидери, ниту во институциите на државата; и веруваат дека државата оди во погрешна насока. Тогаш единствениот логичен одговор е дека токму ваквите партии, политичари, начин на водење на политика, не ја води државата во ЕУ, каде што треба да биде според големото мнозинство на граѓаните, и дека “погрешната насока”, всушност воопшто не е ЕУ, туку домашната политичка сцена комплет? И тоа е шизмата која е толку очигледна изминативе години, која само кулминираше како се приближуваше официјалниот старт на преговорите: граѓаните на една страна, партиите на друга страна. Граѓаните се очигледно за ЕУ, за што се тогаш партиите?
На крајот да се вратиме на перцепцијата, онаа која се конструира по потреба. Во истата оваа анкета, на прашањето кои се извори на информирање, 71% кажале дека се тоа телевизиите, 39% интернет, 24% фамилија и пријатели и 6% ниту еден. Чисто колку да не се чудите зошто партиите го одржуваат “култот кон медиумите” преку секаков вид на финансиска подршка, маскирана во “транспарентно (и отчетно)”. А, и чисто да знаеме која е одговорноста на истите, кога флагрантно и отворено, совршено свесни за моќта, ја конструираат перцепцијата на јавноста, по своја, а пред се’ по туѓа желба. Пропаганда? Контрола на јавниот дискурс? Контрола на моќта?
Со оглед на ситуацијата, ние граѓаните и добро се држиме до демократијата и до ЕУ. Уште да го најдеме вистинскиот начин, да дојдеме до единственото место, кое во перцепцијата и реалноста, е патот по кој одиме. Со сите пречки и “перцепции” кои здружено и организирано ни ги поставуваат, за да дојдеме до “погрешната насока”. Расколот е голем, толку голем што ја загрозува и самата држава. А, ако државата се граѓаните, а граѓаните, инстинктивно знаат што е добро за нив самите, кој избор останува за нашата партократија?
