| |

Континуитет… во Српскиот свет

Пишува: Зоранчо Маринков

Како што е веќе познато, минатата сабота во Скопје беше одбележана 100-годишнината од создавањето на македонската авијација. На настанот говореше македонскиот премиер Димитар Ковачевски, а присуствуваше и министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.

Во својот говор, помеѓу другото премиерот Димитар Ковачевски рече: “Убаво е кога историјата ни е добро сочувана, за да им раскажуваме на помладите генерации кои се денеска тука меѓу нас. Воедно, добро е што токму на истите помлади генерации имаме да им понудиме и иднина”.

Ајде сега да им раскажаме на помладите генерации, еден дел од таа историја.

Во 1937 год. во Скопје со редица манифестации се одбележуваат 25 години од “ослободувањето на Јужна Србија”. На 9 мај 1937 год. во Скопје пристигнуваат високи гости од Белград на чело со премиерот на Кралство Југославија, Милан Стојадиновиќ и министри на владата. Една од манифестациите е и крштевањето на нов авион со име “Скопље” за Аеро клубот, како и одржувањето на аеромитинг.

На крштевањето на авионот “Скопље” меѓу останатите присуствуваат: скопскиот српски митрополит Јосиф, командантот на југословенското воздухопловство дивизискиот генерал Симович, потпретседателот на скопската општина Драгутин Матовиќ, потоа помошник банот на Вардарска Бановина, Димитрије Нешиќ, сопругата на претседателот на Кралската влада, г-ѓа Августа Стојадиновиќ, сопругата на банот на Вардарска Бановина г-ѓа Пауновиќ. Меѓу гостите се и министрите образование и градежништво од Кралската влада – Добривоје Стошовиќ и Марко Кожул, командантот на Третата армија, генерал Милан Јечмениќ, како и заменик претседателот на главната управа на Аеро клубот во Белград, Тадија Сондермаер заедно со уште пет членови на управата.

Гостите ги дочекал претседателот на Обласниот одбор на Аеро клубот бригадниот генерал Милисав Антонијевиќ, заедно со членовите на одборот.

Опис за настаните од тој ден во Скопје, даваат белградските весници “Политика” и “Време”.

“Цивилното воздухопловство на Јужна Србија, кое по бројот на членовите и по организациите е најсилно во нашето Кралство, имаше денес една ретка прослава. Во присуство на претставниците на Кралската влада и пратеници од целата земја, обласниот одбор на југословенскиот Аеро клуб го освети својот нов авион четворосед, купен неодамна со средстава на клубот од француската фабрика за авиони Рено. Кума на авионот беше сопругата на претседателот на Кралската влада, г-ѓа Августа Стојадиновиќ”.

Говор на митрополит Јосиф, по повод осветувањето на авионот.

“Ни лево, ни десно, рече побелениот митрополит, туку по чекорите на предците, за правда и историја, за рамноправност на сите, за еднаквост на сите три југословенски племиња и за слободата на Југославија”.

После митрополитот, високите гости ги поздрави претседателот на Обласниот одбор на Аеро клубот г.Милисав Антонијевиќ, кој ги изнесе залагањата на оваа институција и нејзината работа на јакнење на нашите националните крила, сѐ за нашето слободно небо.

“Нашата свеченост се паѓа во јубилејната 25 година слободен живот на оваа наша убава историска покраина. Помина четвртина век од големиот ден, од кога белите орли после славната победа на Куманово се развиорија на бедемите на Царскиот град и му објавија на народот на целото Повардарие дека престана ропството што го запираше развитокот на неговите конструктивни сили.

Народот на Јужна Србија длабоко го почувствува огромното значење на неговото ослободување, ја разбра големината на жртвите поднесени за реализирањето на овој национален идеал, па во огромни фаланги се вброи во редиците на југословенскиот Аеро-клуб, за да преку него, развивајќи ја идејата за воздухопловството, таа најголема сила на модерното време, ја сочува и сопствената слобода.

Ние сме среќни што можеме да заклучиме дека благодарејќи на таа помош и тоа разбирање од народот, бевме во можност да ја збогатиме нашата скромна флота со еден нов модерен авион, којшто во случај на потреба, ќе го ставиме во одбрана на нашето небо.

На крајот се заблагодари на г-ѓа Стојадиновиќ што го прифатила кумството, на претседателот на владата и на министрите што дошле на свеченоста, на банот и командатот на Третата армија, на скопскиот митрополит и претседателот на Скопската општина на моралната и материјалната помош и соработка што ја укажуваат на движењето на Аеро клубот. На крајот ги повика сите присутни да го поздрават Кралот и Кралскиот дом (долготрајни извикувања: Да живее Кралот!)

Попладнето е одржан аеро митинг на кој што освен погоре наброените лица присуствуваат и премиерот на Кралство Југославија, Милан Стојадиновиќ и банот на Вардарската Бановина, Драган Пауновиќ.

Опис за Аеро клубот во Скопје е даден и во зборникот “Споменица двадесетпетогодишњице ослобоџења Јужне Србије 1912-1937”.

“Аеро клубот Наша Крила во Скопје е формиран во 1925 год. Истата година се снабди со еден половен воен авион од типот Кодрон, со кој пилотираше пок.Јарошенко и вршеше пропагандни летови и воздушни крштевања. Во 1928 год., после дефектот на моторот на авионот бил оштетен и испратен на поправка во Нови Сад. После тоа настапи период на застој во работата на Авио Клубот и дури на 15 јануари 1933 година е свикано вонредно собрание заради избирање на нова управа оживување на обласниот одбор а Авио клубот Скопје.

До одржување на собранието се дојде со залагањето на резервните авијатичари г.г. Орестије Крстиќ, Јован Шрепловиќ и Владимир Виљковски, кои влегоа во новата управа како и на многу други истакнати личности од Скопје.

1933 година помина во собирање на средства за набавка на авион, и тоа преку пропагандни предавања на аеромитингот во Скопје, и во работа на оживување на местните одбори на својата територија. Во 1934 година, на Одборот му е поклонен авион Физир, кој свечено беше крстен на 29 април 1934 год. на аеродромот во Скопје. Кумата, г-ѓа Лазара Галиќа му даде име “Косово”. Клубот веднаш ангажира постојан пилот и почнува со низа на воздухопловни приредби како во Скопје, така и по цела Јужна Србија.

После набавувањето на авионот веднаш се покажуваат видливи успеси во поглед на популаризарањето на идејата на нашето национално воздухопловство, ширење на дејноста на Авио клубот и зголемувањето на членството”.

Слични Објави