Бачварова: Во односот кон Русија треба да ја преиспитаме нашата историја
Се смени значењето што се даваше од претходните генерации на односите меѓу Бугарија и Русија, историјата мора да се преиспита – ова е едно од големите прашања на нашата модерна политика. Ваков став пред БНТ искажа Румјана Бачварова, амбасадорка на Бугарија во Израел и поранешна вицепремиерка, пренесува Фактор.
„Во центарот на Софија има премногу знаци на благодарност кон Русија“, посочи таа.
Според неа, симболиката во која живеат бугарските граѓани мора да се смени, со оглед на преиспитувањето на бугарската историја.
Потсетуваме дека во последниве месеци се интензивираше дискусијата за вистинската улога на Москва во бугарската историја, за која низа историски документи покажуваат дека е освојувачка, улога која постојано се крие зад реториката за „ослободувањето“ на Бугарите. .
Бачварова е категорична дека интересот за овие теми не е опортунистички и не е роден исклучиво поради војната во Украина, туку е резултат на објективни процеси.
Таа посочи дека треба да се смени името на катедралата Александар Невски во Софија.
Румјана Бачварова нагласи дека 10 години Бугарите собирале средства за изградба на храм кој би бил израз на бугарскиот дух, а потоа, како гест кон рускиот император, бил именуван по руски светец.
Според неа, треба да се преименуваат и голем број улици во центарот на Софија – тоа е голема тема за која треба да се разговара.
„Бугарија има 20 луѓе прогласени за праведници во светот заради спасувањето на нашите Евреи – колку луѓе ги знаат нивните имиња? Колку улици се именувани по нив? Под „Александар Невски“ е старото еврејско маало – ниту една улица не е именувана“, истакна Бачварова.
Таа го коментираше и случајот со затворањето на руската црква:
„Случајот со руската црква не треба да се политизира, ова не е репресија врз црквата, службите си ја завршија работата да ја идентификуваат и неутрализираат странски шпиони.
Според неа, однесувањето на руската амбасадорка во Бугариja Елеонора Митрофанова е неприфатливо – амбасадор не може да се произнесува во однос на политиката на суверена држава.
