ВЕЧЕР НА РАСКАЖУВАЊЕ КВИР ПРИКАЗНИ ВО КИНО КУЛТУРА

Вечерва во Кино Култура од 21 часот, ќе се одржи вечер на раскажување квир приказни насловена „Срамота“, како промо-настан за Викендот на гордоста – Скопје 2018…

Неколкумина раскажувачи од јавната културна, политичка и општествена сфера раскажуваат кратки приказни за телесниот, родовиот и сексуалниот срам кој ја обележал нивната општествена ненормативност – оттаму, „квир“ како она што излегува од рамките на прифатливиот општествен код. Организаторите на настанот велат дека со овие јавно изговорени приказни, срамот се превртува и трансформира, исмејаниот станува исмејувачот – срамот се враќа назад кон оние кои занесени
во својата арогантност и привилегија, претпоставуваат дека го имаат правото да бидат родова, сексуална и морална полиција, и да понижуваат.
Овогодишни раскажувачи ќе бидат: Артан Садику, Никола Гелевски, Ивана Драгшиќ, Кирил Поп Христов – Кили, Маја Марковска и Лејла Каламујиќ. Модераторки се Румена Бужаровска и Ана Василева.
Викендот на гордоста Скопје 2018 се одржува по шести пат, во организација на Коалицијата „Маргини“ и ЛГБТИ Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет на РМ. Скопскиот викенд на гордоста 2018 е реализиран со несебичната поддршка на Heinrich-Böll-Stiftung, Фондација Отворено општество – Македонија, Министерство за култура, Европската унија и Civica Mobilita.