ВЕЛИГДЕНСКИ КУЛИ – ОБИЧАЈ КОЈ СЕ СРЕЌАВА ЕДИНСТВЕНО ВО МАКЕДОНСКИ БРОД

/

Македонски Брод е помало гратче кое се наоѓа во Западна Македонија, и претставува средишен дел на областа Поречие, сместено во горниот тек на реката Треска. Опколено е со планини, сликовит пејзаж и претставува вистинска воздушна бања за сите вљубеници во природата. Гратчето е поделено на Горно и Долно Порече, и го сочинуваат вкупно четириесет и четири села. Сите села се одликуваат со своја, специфична убавина и мистичност, со што се примамливи за посета и нивно истражување.

Ова гратче претставува стара македонска населба која се одликува со вековна историја, со што говорат повеќе легенди и преданија, како и еден надгробен споменик, пронајден во селото Крапа, кој говори за просторот дека бил населен со Римјани. Покрај тоа, постојат археолошки локалитети како што се Грамада (некропола од доцноантичко време); Кале ( градиште од доцноантичко време); Кула – (населба и кастел од средниот век) и Рајчица – (базилика и некропола од старо христијанско време и ран среден век) како и неколкуте цркви кои датираат од 18 век, а меѓу нив  е и најновата градска црква изградена во 2015 година.

Покрај горенаведените историски и географски податоци, ова гратче претставува вистински мозаик од културни и духовни вредности, етнички заедници,  богат спектар на обичаи и обреди, традиција, религија и фолклор.

Од обичаите, како најинтересен го издвојувам обредот Велигденски кули, кој датира уште од времето на Отоманската империја и се изведува на вториот ден од големиот христијански празник Велигден. Изведувањето на овој обичај е поделен на неколку етапи.

Првата етапа ја сочинува обичајот Покрсти, кој започнува со литургија во блиската црква, при што се формира обредна поворка на чело со свештеникот позади кого доброволните верници носат религиски обележја и икони, така обредната поворка го заобиколува целиот бродски атар на сите четири страни. Веднаш по тргнувањето на покрстите се излегува по ридот до местото Топола каде што се врши првото заклинување. Симболиката на овој обичај го  опишува трнливиот пат на Исус Христос и се верува дека на пролет кога ќе оживее дрвото, на тој начин се раѓа нов живот а со тоа се поврзува и Христовото воскресение.

На враќање од Покрсти, се одвива втората етапа преку таканаречениот обичај Каленчица. Во изведувањето на овој обичај учествуваат девојчиња облечени во народна носија кои формираат шпалир ( редици на луѓе од двете страни на пат) и сите оние  кои сакаат да бидат дел од Велигденските кули (без разлика дали ќе земат активно учество) да поминат под тој шпалир, додека пак најхрабрите момчиња кои веќе поминале под него  веќе почнуваат да ги формираат кулите.

 Кулите се состојат од два реда на луѓе од кои во секој ред има по петмина учесници. Пет момчиња од долниот дел се фаќаат рамо за рамо и врз нивните рамена стапнуваат уште пет други момчиња кои исто така се држат рамо за рамо, кои го формираат горниот дел на кулата. Кулите исто така мора да бидат пет на број, симболизирајќи го петвековното отоманско ропство кое владеело во нашата земја.



Долниот дел од кулата ги симболизира поробителите – Отоманците, додека пак горниот дел ги претставува македонските христијани кои носени од помислата дека ќе дојде денот кога буквално ќе стапнат врз вратот на непријателот ( поробителот) и гордо издигнувајќи се, јасно ѝм покажуваат на сите присутни дека ќе светне сонцето на слободата. Додека кулите го изминуваат патот од пред градската црква до местото на поранешното сретсело, треба да внимаваат да не паднат, затоа што постоело верување доколку некои од членовите дозволат да се распадне кулата, ќе ги следи несреќна година.

Друго обележје на овој обичај е неговата единственост и уникатност, не само во Македонски Брод, туку и низ цела Македонија како и надвор од неа. Обичајот е проследен со пеење на патриотски и црковни песни, и повеќе од јасно ни укажуваат дека храброста и издржливоста на Македонецот е непокорна дури и во денови кога тој се наоѓал под Отоманската власт и останатите непрекинати угнетувачки процеси.

Иако времињата минуваат и се менуваат, согласно времето и обврските на луѓето, дозволуваат дел од обичаите да се трансформираат и видоизменуваат, но сепак интересно е што Броѓани ( назив за населението на Македонски Брод) сѐ уште ги изведуваат овие обичаи. Со нивното изведување и одржување, се заштитуваат од нивно изумирање.

Во прилог следи инсерт од етнолошкиот филм…

Автор на текстот: Кристина Паскоска



Претходна статија

ФОТО: ДА СЕ ПРИСЕТИМЕ НА ВРЕМЕТО КОГА ТЕТКА МИРКА ЈА ПРСКАА СО УДАРНИ ДОЗИ АЛУМИНИУМ

Следна статија

ВО ОВА ВРЕМЕ НА САМОИЗОЛАЦИЈА НАСЛАДЕТЕ СЕ НА 2 ЧАСА СО ЛОЗАНО

Најново од Култура