Велика Британија и Турција со историски договор за борбени авиони „Еурофајтер Тајфун“ вреден 11 милијарди долари
Британскиот премиер Киер Стармер објави дека Лондон постигнал договор со Анкара за продажба на борбени авиони „Еурофајтер Тајфун“ во рамките на десетгодишна зделка вредна речиси 11 милијарди американски долари, јавува АФП, пренесува БГНЕС.
„Ова е навистина значајна зделка, бидејќи се работи за нарачки во вредност од 8 милијарди фунти (10,7 милијарди долари)… тоа се работни места што ќе бидат обезбедени за следните 10 години преку производството на авионите ‘Тајфун’ — нешто од исклучителна важност за нашата земја“, изјави Стармер по средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара.
Според британското Министерство за одбрана, договорот опфаќа 20 борбени авиони „Еурофајтер“ и претставува „најголем договор за борбени авиони во изминатата генерација“. Од Министерството истакнаа дека спогодбата ќе ги зајакне борбените капацитети на Турција и ќе ја консолидира „моќта на НАТО во еден клучен регион“.
„Ова е југоисточниот фланг на НАТО, и затоа присуството на ваков капацитет во соработка со Обединетото Кралство е од исклучителна важност и за самата Алијанса,“ подвлече британскиот премиер.
Претседателот Ердоган го поздрави историскиот договор, нарекувајќи го нов симбол на одбранбената соработка меѓу двете земји.
„Сметаме дека ова е нов симбол на стратешките односи меѓу нашите две блиски сојузнички држави“, изјави Ердоган по потпишувањето на договорот со британскиот премиер во својот претседателски дворец во Анкара.
